Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин во Турција и изрази надеж дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може да помогне во организацијата на тие разговори.
Во интервју за „Си-ен-ен Турк“, Зеленски ги оцени директните преговори на претседателско ниво како неопходни, бидејќи досегашните контакти меѓу двете страни не успеаја да ја запрат војната.
– Подготвени сме за оваа средба во Турција. Знам дека претседателот Ердоган има свои врски со Путин. Затоа поддржуваме одржување средба во Турција – рече Зеленски.
Тој смета дека средбата лице в лице би можела да помогне во решавањето на прашањата кои останаа нерешени во преговорите на делегациите и техничките работни групи.
– Токму затоа сакам да се сретнам со него – како со личноста која ги донесува одлуките – изјави тој.
Според него, главни теми на потенцијалната средба би требало да бидат прекинот на огнот и механизмот за надзор на почитувањето на договорот.
Тој додаде дека лидерите би требало да разговараат и за безбедносните гаранции, обновата на Украина, како и за статусот на окупираните подрачја. Зеленски, сепак, ги отфрли барањата на Путин Украина да го предаде Донбас или да го признае Крим како руска територија и нагласи дека таквите отстапки би го прекршиле Уставот на Украина.
Зеленски се осврна и на можноста за учество на самитот на лидерите на Г20 во Мајами во декември. Тој рече дека Украина сè уште нема добиено официјална покана од Вашингтон, но дека постојат сигнали дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ја покани Украина во рамките на иницијативата за ставање крај на војната. Зеленски нагласи дека сите преговори за завршување на војната мора да ја вклучуваат Украина и ја отфрли идејата дека други земји би можеле да одлучуваат за нејзината иднина без учество на Киев.
– Тоа е невозможно. Не можете да одлучувате за судбината на Украина без Украина – нагласи тој.

































