Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со изведбата на претставата „Црнила“ во режија на Дејан Пројковски денеска од 20 часот, на сцената 105 во ЦК „Марко Цепенков“ се вклучува во одбележувањето на Трети ноември – Денот на ослободувањето на градот. Со прикажувањето на претставата, наедно ќе се одбележат и шесте награди што беа освоени на двата фестивала: МТФ „Војдан Чернодрински“ и меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Наедно по завршувањето на претставата на актерот Александар Степанулески ќе му биде доделена наградата од фестивалот „Ристо Шишков“.
На јубилејниот МТФ „Војдан Чернодрински“, театарот „Војдан Чернодрински“ за претставата освои пет награди; костимографија (Марија Пупучевска), сценографија (Валентин Светозарев), актер Сара Спиркоска (млад актер), Димитар Ѓорѓиевски (награда за машка главна улога) и наградата за режија за Дејан Пројковски.
На фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, актерот Александар Степанулески ја доби главната награда за улогата на Луков. Степанулески вели дека театарот „Војдан Чернодрински“ е „местото на негово раѓање“ и секогаш ќе биде тука, дека вложил многу труд за ликот.
– Ми се отворија многу различни светови и на крајот се валоризираа позитивно – изјави тој.
Претставата „Црнила“ е актерска и режисерка исповед, отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите.
Автор на музиката е Горан Трајковски, драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Марија Спиркоска-Илијеска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа. Ка.М.