ЕВРОПЕЈЦИТЕ ЈА ГУБАТ ВЕРБАТА ВО СВОИТЕ ВЛАДИ
- Европа повторно се соочува со сликата што нејзините политички елити најмалку сакаат да ја видат. Сведочиме на преполни улици,
демонстранти, полициски кордони, барикади, запалени огради и судири со безбедносните сили. Но зад овие сцени не стои само младински бунт, ниту, пак, изолиран бран на урбано насилство. Се насобира многу подлабоко незадоволство од начинот на кој се управува со Европа и од приоритетите на нејзините политички елити
Настаните од последните денови во Франција, Германија и во Холандија, но и протестните движења во Италија, Белгија, Шпанија, Грција, па и Албанија, покажуваат дека европското општество влегува во период на сериозно преиспитување на досегашниот политички и економски модел.
Се бараат одговори, ставови, акција, а не политички флоскули
Најновиот бран на демонстрации, предводен од младите, е особено значаен поради пораките што ги испраќа. Во Франција, според податоците на Министерството за внатрешни работи, на 31 октомври на улиците излегле околу 320.000 демонстранти. Протестите се одржуваа трет викенд по ред, со барања за подобро образование, социјална сигурност и пониски трошоци за живот. Но кога незадоволството ќе се прошири во толкави размери, веќе не станува збор само за студентски протести. Станува збор за политички аларм. Граѓаните прашуваат каква иднина им нуди Европа. Младите велат дека оваа Европа им нуди „образование“ во запуштени училишта, несигурни работни места, недостапни станови, растечки цени и живот во кој сè потешко се обезбедува елементарна економска независност…
Економската нестабилност ја вовлече Германија во социјална пукнатина
Особено е индикативна ситуацијата во Германија. Земјата што со децении важеше за економски мотор на Европа денес се соочува со сериозни прашања за сопствената економска и социјална иднина. Иницијативата „Генерацијата зед ја презема контролата“ (Gen Z regelt) ги мобилизираше младите во повеќе од 30 германски града. Во Берлин, Минхен и Франкфурт илјадници демонстранти протестираа против недоволното финансирање на образованието, кратењата во социјалните услуги, здравството и културата, како и против можноста за враќање на задолжителниот воен рок.
Во Хамбург, каде што се собраа околу 6.700 учесници, протестот заврши со сериозни инциденти, запалени барикади и интервенција на полицијата со водни топови и бибер-спреј. Во Келн демонстрацијата беше прекината поради пиротехника и маскирани учесници. Сепак, суштината на германското незадоволство не може да се сведе на овие инциденти. Прашањето е зошто младите сè помалку веруваат дека нивните потреби се на врвот на државните приоритети. Кога државата бара од младите да размислуваат за воена обврска, а истовремено тие бараат подобри училишта, пристапно здравство, социјална сигурност и можност за пристоен живот, тогаш судирот на приоритети станува очигледен.
Франција: 320 илјади демонстранти како најсериозно предупредување до Макрон
Франција, традиционално земја на улична демократија и силни социјални движења, повторно е сцена на масовно незадоволство. Триста и дваесет илјади луѓе на улиците не се бројка што може да се отфрли како минлива нервоза на една генерација. Проблемите со студентското домување, условите во училиштата, куповната моќ и социјалните нееднаквости се дел од пошироката криза на довербата во институциите.
Во Париз, Марсеј и Лион беа регистрирани судири, а стотици лица беа приведени. Француските власти ангажираа десетици илјади полицајци за обезбедување на протестите. Но ниту полициските кордони ниту приведувањата не можат да одговорат на прашањето што гласно одекнува од улиците и плоштадите, имено – зошто граѓаните не ги чувствуваат „придобивките“ од економскиот и политичкиот систем што како програма го имаат актуелните државни власти под водство на францускиот претседател Емануел Макрон.
И во Холандија и во остатокот од Европа незадоволството расте
Во Хаг,протестите беа проследени со засилени безбедносни мерки, претреси и приведувања. Некои од продавниците ги заштитија излозите, а полицијата заплени нелегални пиротехнички средства.
Понатаму, во Италија, Белгија, Шпанија, Португалија и Грција социјалните и економските проблеми создаваат сè поголем притисок врз политичките институции. Во Албанија студентските протести се поврзаа со незадоволството од корупцијата, недостигот од работни перспективи и квалитетот на образованието.
Овие случувања можеби и имаат различни причини и политички контексти, но имаат и една заедничка карактеристика, а тоа е дека граѓаните бараат државата повторно да ги стави нивните секојдневни потреби во центарот на својата политика!
Милитаризацијата наспроти социјалната држава
Токму тука се отвора едно актуелно, но навистина легитимно граѓанско прашање за европските влади: Дали во услови на повеќеслојни предизвици на Европа во новиот меѓународен тренд на промени, европските поточно бриселските политички елити ја изгубија рамнотежата меѓу експанзионистичките и глобалистички амбиции наспроти економско- социјалната одговорност што треба да им е приоритет за ЕУ?
Имено, Европа издвојува сè поголеми средства за воено опремување и зајакнување на безбедносните капацитети. Поддршката за Украина и безбедносните обврски на европските држави се оправдуваат со „потреба од заштита на европската безбедност“. Но искреираното безбедносно прашање не смее да стане изговор за занемарување на внатрешните економски и социјални проблеми. Граѓаните имаат право да прашаат дали истата политичка енергија што се вложува во воените стратегии се вложува и во здравството, образованието, енергетската стабилност, домувањето и животниот стандард. Тоа е барање за поинаква рамнотежа во трошењето на јавните средства и за поголема одговорност на владите пред сопствените граѓани.
Европа пред политичка опомена
Актуелните протести се предупредување дека либералниот модел на управување, во неговата актуелна политичка практика, се соочува со сериозен проблем на доверба. Кога економските показатели стануваат поважни од секојдневното искуство на граѓаните, а геополитичките цели добиваат предност пред социјалните потреби, се создава опасен јаз меѓу институциите и општеството. Европа не може бесконечно да бара трпение од младите, додека им нуди неизвесност наместо перспектива.
Нескриени пораки од европските протести
Од Германија до Франција, од Хаг до Рим, пораката од улиците е сè погласна за тоа дека граѓаните не бараат само промена на политичките слогани туку и промена на реалните приоритети. Барикадите можеби ќе бидат отстранети, запалените огради ќе бидат заменети, а полициските кордони повторно ќе се повлечат. Но причините што ги изведоа луѓето на улиците нема да исчезнат со нив. Европа денес не се соочува само со проблем на јавен ред и мир.
Европа се соочува со прашањето дали политиките на Европската комисија (ЕК), а и Советот на Европа (СЕ), односно либералните бриселски политички елити сè уште ја разбираат основната смисла на државата – да им обезбеди безбедност, достоинство и перспектива на сопствените граѓани!
Ако одговорот повторно биде нов пакет политички ветувања, додека социјалните, образовните, здравствените и економските проблеми остануваат нерешени, улиците веројатно ќе останат местото каде што Европа ја почнува својата политичка иднина, поточно преструктурирање, додека многу брзо дојдат на ред тоа да се направи преку демократските институти, како што се изборите што следуваат наскоро и во Франција и во Германија, каде што тие промени ќе се потврдат.
Од нашиот постојан соработник од Германија, Доне Прентоски
































