Серијал за пливачките маратони (3)
- Охридскиот делфин многу години беше во врвот на светското маратонско пливање. По пливачките рекорди, кариерата во маратоните ја почна со победа на вториот мал маратон во Охрид
По првиот мал маратон на Охридско Езеро во 1954 година, веќе следната година се појавија повеќе организациски проблеми, кои не можеше да ги реши ниту секогаш агилниот и снаодлив Леко Радич. Кога по стартниот маратон сите беа задоволни од она што се случуваше на патеката од Горица до Охрид и кога си помислија „добро е, маратоните тргнаа“, се случи колапс. Веќе следната година малиот маратон не се одржа, за во 1956 година повторно да се појави на сцена. Меѓутоа, разочарувачко за организаторите беше тоа што на стартот се појавија само тројца натпреварувачи. Сепак утеха беше барем што овој пат стартуваа и девојките. Тоа беше потврда оти не беа „празни“ зборовите на искусниот Леко, кој по првиот машки маратон изјави оти на следните вакви приредби ќе ги гледаме и девојките.
Тоа се оствари во 1956 година на вториот маратон, кога ја добивме и првата победничка во женска конкуренција во името на Снеже Групчева. Од оваа година на патеката од Горица до Охрид гледачите имаа можност да присуствуваат на интересни борби за што подобар пласман во двете конкуренции. На овој начин програмата беше збогатена, а со давањето шанса и на девојките да се натпреваруваат порасна интересирањето и кај женската младина за маратонското пливање.
Ова беше од големо значење зашто подоцна како резултат токму на фактот што се отвори вратата на маратоните и за девојките, во Охрид се појави една од најдобрите пливачки маратонки во светот – Атина Бојаџи. Таа меѓу многуте триумфи на оние престижни светски маратони, токму во Охрид на големиот маратон во 1962 година стана светска првенка во маратонско пливање во слатки води. Седум години подоцна Атина го преплива и Ла Манш и стана една од ретките жени во светот што успеале да им се спротивстават на немирните води на каналот. За овој подвиг, всушност, сведочи и филмот „Исправи се, Делфина“, во кој на филмски начин е претставено нејзиното херојство.
Илјада гледачи на целта
Колку за охриѓани и за нивните гости од сите краишта на поранешната држава, па и од странство, малиот маратон од Горица до Охрид претставуваше вистинска атракција говори и податокот што на целта на вториот маратон, на кејот во близината на пристаништето имаше околу 1.000 гледачи. Глетката беше прекрасна, а организаторите, и покрај малиот одзив за учество во машката трка, сепак, беа многу задоволни. Впрочем ова што се прави, тоа се прави најмногу и за гледачите, а на маратонците останува дали ќе влезат во водите на езерото или не.
– Видовте, и со малку пливачи во машка конкуренција беше интересно. Иако беа само тројца, во името на победникот Дики Бојаџи добивме еден од најславните, не само македонски туку во тоа време југословенски и светски маратонци. Победата на Дики беше најава за неговото влегување на голема врата во пливачките маратони – зборуваше Леко.
Дики и денес кога ќе се сретнеме или ќе се договориме да седнеме на кафе, најчесто во скопска Лептокарија, иако имаше многу триумфи на светските маратони, а стана и светски првак на патеката од Капри до Неапол, сепак, не го заборава триумфот на малиот охридски маратон.
– Тоа беше едно друго време, многу поромантично од ова денешново. Тогаш не знаевме за други задоволства, ние младите бевме преокупирани со спортот, секој во оној за кој имаше најмногу афинитети. Јас, како што е добро познато, не лутав многу, туку се определив за пливањето, што беше и нормално, зашто езерските бранови стигнуваа и во дворот на нашата куќа, која е лоцирана на самиот езерски брег недалеку од црквата „Света Софија“. Со оглед на ова не помислував, иако ме привлекуваа и другите спортови, оти ќе бидам нешто друго освен пливач, а повремено и ватерполист – вели Дики.
Рекордерска трка
Низ муабетот со Дики се вративме и на неговото учество и на првата победа на малиот охридски маратон.
– Тој триумф никогаш нема да го заборавам. Се чувствував прекрасно зашто дотогаш имав многу пливачки победи, но тие беа остварени во пливалиштето кај пристаништето. Ова беше нешто друго, многу атрактивно и потешко. Од тие моменти маратонското пливање стана моја голема спортска љубов и не помислував да заминам во некој друг спорт. Инаку, што се однесува на мојот прв маратон, морам да кажам оти временските услови беа идеални, а тоа многу ми помогна да поставам рекорд на патеката. Делницата од Горица до Охрид ја препливав за 35 минути. На целта стигнав шест минути пред Павел Групчев, а 10 минути пред Славе Филев. И овој податок најдобро зборува за тоа колку сум бил брз, зашто Павел и Филе не беа маратонци за потценување. Напротив, тие ѝ припаѓаа на онаа група елитни пливачи што во тоа време беа познати и почитувани. Нивните резултати им обезбедија високо место во македонскиот пливачки спорт – вели Дики.
Чувството на секој победник во која и да е трка е прекрасно, но ако победата е извојувана пред еден аудиториум од околу 1.000 гледачи собрани на охридскиот кеј, тоа сигурно не е исто како на оние многубројни победи во пливалиштето, му велам на Дики и чекам одговор.
– Точно така, бев задоволен и пресреќен. Аплаузот го слушнав уште кога влегов во последните метри, а она вистинско одушевување на гледачите го почувствував кога поминав низ целта и се исправив. Ми се чинеше оти од среќа ќе полетам. Верувајте, сум имал многу победи, и тоа на многу значајни маратони, ама ова што го доживеав пред моите охриѓани не можам да го опишам со зборови – вели Дики.
На стартот три девојки од ПК Охридски бранови
Како по некој претходен договор, колку мажи толку и жени настапија на вториот маратон, по три во двете конкуренции. Но тоа не го намали интересирањето кај гледачите. Напротив, сите тие, особено охриѓаните, кои нормално беа најмногубројни меѓу гледачите на кејот, си имаа свој фаворит и фаворитка. За машката трка веќе напишав оти Дики беше доминантен, но за женската гледачите не можеа со сигурност да го прогнозираат фаворитот. Трите девојки, членки на ПК Охридски бранови, добро се познаваа, а и често заедно беа на тренинзите. Но тоа беа само тренинзи на кои и не беше битно, ако направеа трка меѓу нив, која ќе биде најдобра. Ова беше нешто друго, овде стануваше збор за вистински натпревар и не им беше сеедно која прва ќе помине низ целта, и тоа на првиот женски маратон организиран во водите на Охридско Езеро. Борбата за првото место беше решена нешто порано. Овде главната фаворитка Снеже Групчева уште во првите метри им побегна на двете клупски другарки. Веќе во првиот дел од трката победничката беше позната, но прашање беше која ќе биде втора. Двете, Славјанка и Божана, долго пливаа една покрај друга, а некаде по половина од патеката Славјанка заплива поенергично и така стигна до второто место, со една минута предност пред Божана, која во завршницата се обидуваше да ја намали временската разлика, но не успеа во тоа. Така, овие три охриѓанки, инаку во тоа време познати пливачки на нашиве простори, беа првите што ја отворија вратата на следните генерации за настап во пливачките маратони.
По 21 година, враќање на малиот маратон
Како во многу спортови така и во пливањето финансиите беа главен проблем. Од тоа колку средства ќе се соберат зависеше и каква ќе биде програмата или, народски кажано, „колку пари, толку музика“. Ете, баш тоа се случи со малиот охридски маратон и дури 21 година, сѐ до 1977 година, го немаше на сцената. Меѓутоа, овде мора да се земе предвид и фактот што во тоа време многу популарни станаа маратоните на подолги патеки, па така вниманието повеќе беше насочено кон нив. Чувствувајќи оти иднината на Охрид како од туристички така и од спортски аспект е во организацијата на големите меѓународни маратони, во 1962 година беше формиран Републички одбор за маратонско пливање.
Токму во таа година, како потврда на големите амбиции не само на охридските туку и на сите спортски работници во Македонија беше организиран првиот меѓународен маратон на патеката од Пештани до Охрид. И така, на 2 август 1962 година, веднаш по една од најпопуларните трки во маратонско пливање од Капри до Неапол, се одржа и првиот Меѓународен охридски маратон. Но за големите маратони во нашиот најпознат туристички центар ќе стане збор нешто подоцна во овој серијал. Сега ќе видиме каква беше судбината на малиот маратон, чие одржување беше прекинато 21 година.
Сметајќи дека малите маратони ќе бидат убаво надополнување на програмата на големите маратони се роди идејата тие да се одржуваат, но како најава за „главниот“ маратон.
Ова беше добар потег, зашто на некој начин малите маратони веќе ја имаа создадено својата историја. Затоа, особено на помладите пливачи, кои требаше допрва да се калат, добро ќе им дојдеа трките на пократката патека. Така, во 1977 година, откако се одржа третиот мал маратон, стана јасно оти за пливачките работници ќе биде обврска, но и голем залак да ги организираат двата маратона. Од финансиски и од организациски причини повторно дојде до шестгодишна пауза на малите маратони, за тие повторно да заживеат. Како изгледаа и кои беа победниците ќе читате во следните продолженија од овој серијал.
































