Македонија тргнува кон продолжување на големата серија настапи

РАКОМЕТ – В СРЕДА ПОЧНУВААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2028

  • Македонија ја има шестата најдолга ваква низа меѓу европските репрезентации, со 16 учества по ред на големите ракометни натпреварувања, континенталните и планетарните првенства за ракометари. Циклусот за пласман на ЕП 2028 црвено-жолтите го почнуваат в среда, со дуелот со Луксембург, во Скопје

Македонската репрезентација неделава тргнува кон нов историски континуитет, почнувајќи го квалификацискиот циклус за пласман на 18. Европско првенство (ЕП) за ракометари, кое треба да се игра во 2028 година, со јасна цел, обезбедување на 17-то по ред учество на големите ракометни натпреварувања, европските и светските шампионати. Македонија ја има шестата најдолга ваква серија меѓу европските репрезентации, од учества по ред на континенталните и на планетарните првенства за ракометари. На оваа необична табела пред црвено-жолтите се само репрезентациите на Франција, Шпанија, Хрватска, Данска и на Исланд.
Оваа серија на Македонија почна на Европското првенство во 2012 година, и од тогаш, заклучно обезбедениот вкупно десетти настап на светските првенства (СП), в година, во Германија, има вкупно 16 учества по ред на големите меѓународни натпреварувања, и тоа по осум на европските и на светските шампионати. Од некои други репрезентации во овој период од 2012 година, Шведска на пример не се пласира на едно СП, Германија на едно ЕП, Норвешка и Унгарија на по две СП, Словенија и Полска на по едно ЕП и СП…
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров се во групата осум, во која за ривали ги имаат репрезентациите на Луксембург, Грција и на најуспешната селекција на европските шампионати, Шведска (досега освои пет титули и по еден сребрен и бронзен медал).
Првиот дуел на црвено-жолтите е со репрезентацијата на Луксембург, в среда, во Скопје (од 19 часот, СЦ „Борис Трајковски“), за почеток на патот кон јубилејниот 10. настап на европските ракометни првенства. Во овој ноемвриски циклус Македонија в недела игра и на гости со Грција.
Домаќини на Европското првенство во 2028 година се Швајцарија, Португалија и Шпанија и репрезентациите на тие три земји директно се пласираа на првенството, како и актуелниот европски шампион, селекцијата на Данска, која славеше на годинашното ЕП, кое се играше во Данска, Норвешка и во Шведска.
Преку квалификациите место на тоа континентално првенство ќе обезбедат уште 20 репрезентации, и тоа првопласираните две селекции од секоја од осумте групи и четири најдобри меѓу третопласираните.
Селекторот Лазаров минатата недела го соопшти составот на репрезентацијата за првите два дуела од квалификациите за ЕП 2028, на кој се Мартин Томовски, Иван Галевски, Васил Гогов, Петар Атанасијевиќ, Дамјан Митев, Дмитро Хориха, Филип Кузмановски, Марко Митев, Игор Ѓеоргиев, Мартин Велковски, Мартин Серафимов, Филип Николов, Никола Костески, Александар Петковски, Милан Лазаревски, Самоил Ристески, Марко Стојковиќ и Михаил Аларов, а резерви се Никола Митревски, Марио Стојановски, Павле Атанасијевиќ, Мартин Ивановски, Томи Јагуриновски, Ален Ќосевски и Валентин Карасманакис. Н.М.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2028 ГРУПА 8

Македонија – Луксембург среда, 19 ч.
Шведска – Грција четврток, 18.30 ч.
Грција – Македонија недела, 16 ч.
Луксембург – Шведска недела, 16 ч.