Вкупно 6.579 избирачи, односно 40,49 отсто од запишаните во Избирачкиот список, го оствариле правото на глас до 15 часот во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираа дека податоците се добиени од сите 24 избирачки места и дека гласањето се одвива непречено, без регистрирани проблеми.
Во споредба со првиот круг, одржан на 18 октомври, излезноста до 15 часот е повисока за 9,32 процентни поени. Во истиот период од првиот круг гласале 5.064 избирачи, односно 31,17 отсто од запишаните гласачи.
Највисока излезност е регистрирана на избирачкото место 2044, каде што гласале 72,12 отсто од запишаните избирачи. Најниска излезност има на избирачкото место 2036, со 19,25 отсто.
Во однос на заштитата на избирачкото право, до ДИК биле поднесени три приговори. Два биле усвоени, по што на гласачите им било овозможено да го остварат правото на глас, додека третиот сè уште бил во постапка на обработка.
Следниот пресек на излезноста и текот на гласањето од ДИК најавија за 18.30 часот, кога ќе одржат нова прес-конференција.


































