Македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината, порача премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Третата конференција на задграничните комитети на партијата, одржана во Солинген, Германија, пренесе МИА.
На конференцијата присуствувале и членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Стефан Андоновски, информираат од партијата.
Во поздравното обраќање пред делегатите, Мицкоски ги презентирал состојбите во државата, економските показатели за кои оценил дека укажуваат на раст, инфраструктурните проекти, како и мерките за справување со предизвиците во енергетиката предизвикани од глобалните случувања.
Осврнувајќи се на меѓународната позиција на државата, тој истакнал дека Македонија станала држава за почит, која ги брани своите ставови со аргументи, јасни пораки и стратегија. Актуелната положба на државата, според него, е последица на грешките од минатото, кои ги опишал како „тешки како планини“.
Мицкоски нагласил и дека, според неговата оценка, ВМРО-ДПМНЕ има убедливо најголема поддршка кај граѓаните, поголема од поддршката на сите други политички актери заедно.
На конференцијата биле разгледани и можностите за унапредување на комуникацијата меѓу македонската дијаспора и татковината, како и за инвестирање и враќање во Македонија.
Премиерот од вчера престојува во работна посета на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. Според владината прес-служба, во рамки на посетата се предвидени средби на високо политичко ниво, како и разговори со претставници на компании, институции и бизнис-заедницата.
Во програмата е предвидено Мицкоски да присуствува и на првиот самит „Посилни заедно – отпорноста како императив за целото општество“, каде што ќе учествува на панел-дискусијата „Од глобални промени до регионални реалности“.

































