Шест возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, тројца од приведените управувале возила без положен возачки испит. Станува збор за 34-годишниот Б.М. од скопско Батинци, 16-годишник од селото Морани и 32-годишниот Ф.К. од прилепско Големо Коњари, кој истовремено бил и под дејство на алкохол.
Под дејство на алкохол бил затекнат и 53-годишниот С.А. од делчевското село Град, кој претходно предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета.
Од слобода бил лишен и 38-годишниот А.А. од Прилеп, кој управувал возило и покрај активната забрана за управување со моторно возило, а бил и под дејство на алкохол.
Шестиот возач, 66-годишниот М.Е. од тетовско, бил приведен откако управувал патничко возило во спротивна насока.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возила без возачка дозвола, под дејство на алкохол или со изречена забрана за управување. Од МВР нагласуваат дека ваквото однесување сериозно ја загрозува безбедноста во сообраќајот.



































