Марихуана, кокаин, кафеава прашкаста материја и предмети со остатоци од марихуана биле пронајдени и одземени на повеќе локации низ државата во текот на вчерашниот и денешниот ден. Во одделните случаи пет лица биле лишени од слобода или приведени, информира Министерството за внатрешни работи.
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, вчера во 13.10 часот бил лишен од слобода 43-годишен германски државјанин, откако при преглед на неговиот личен багаж била пронајдена марихуана. Во 16 часот бил лишен од слобода и 37-годишен германски државјанин. При преглед на неговото кампер-возило „опел“, со германски регистарски ознаки, била пронајдена и одземена марихуана. Двете лица биле предадени во полициска станица за понатамошна постапка.
Во скопската населба Центар, полициски службеници го лишиле од слобода 35-годишниот Т.И. од Штип, кај кого била пронајдена марихуана.
Во Казнено-поправната установа „Идризово“, синоќа во 21.20 часот, при претрес на четири осудени лица биле пронајдени и одземени 54 пакетчиња со кафеава прашкаста материја.
На локалниот пат меѓу селата Боговиње и Селце Кеч, полициски службеници од Полициското одделение Камењане при преглед на патничко возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки пронашле кокаин кај 37-годишниот Е.А. од Боговиње. Тој бил лишен од слобода и задржан во полициска станица.
Утринава во 2.40 часот, на улицата „Партизанска“ во Охрид, бил приведен 18-годишниот Ц.В. од струшко село. При преглед кај него биле пронајдени предмети со остатоци од марихуана.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.


































