Фото: Лавров/инстаграм

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров оцени дека нема реален напредок во односите меѓу Москва и Вашингтон, и покрај неговото учество на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Атланта, САД, пренесе ДПА.

– Во пракса, досега не е забележан никаков реален напредок во односите со САД – изјави Лавров, додавајќи дека не треба да се очекуваат поголеми резултати од договорот за привремено олеснување на санкциите поврзани со руското дизел гориво.

Тој изрази незадоволство од американската политика кон Русија, посочувајќи дека санкциите воведени за време на поранешниот претседател Џо Бајден и натаму се применуваат, а актуелната администрација воведува и нови мерки против руските нафтени компании „Лукоил“ и „Роснефт“.

Осврнувајќи се на најавените трилатерални разговори меѓу Украина, Русија и САД, Лавров рече дека преговарачките позиции се јасни. Според најавите од Кремљ, средбата требало да се одржи во средината на ноември во Абу Даби, каде што требало да продолжат разговорите за можно мировно решение.

Лавров упати критики и кон германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, по одлуката да не се одржи традиционалната заедничка фотографија на министрите од Г20.

Германскиот министер претходно изјави дека не сака заедничка фотографија на која европските партнери ќе бидат заедно со Лавров.

Рускиот дипломат ваквиот пристап го нарече „дипломатија на семејни фотографии“, оценувајќи дека преокупираноста со тоа кој ќе стои покрај кого на фотографијата доволно говори за односот на неговите европски колеги кон Русија, пренесува ДПА.