Фото: ЕПА

Најмалку 64 лица загинаа, а повеќе од 179 се повредени во судир на два воза што се случи утрово во близина на Урда, во шпанската покраина Толедо, на железничката линија Мадрид – Севилја. Ова го покажуваат најновите податоци на Службата за цивилна заштита во Кастилја-Ла Манча, објавени од шпанските медиуми.

Според изјави на припадници на Цивилната гарда за телевизијата „Антена 3“, најмалку четири вагони се превртеле. Портпарол на Синдикатот на железниците предупредил дека станува збор за несреќа со голем број жртви, наведувајќи дека може да се зборува за десетици загинати.

Портпаролката на регионалната влада на Кастилја-Ла Манча, Естер Падиља, за „Антена 3“ потврдила дека сите повредени биле евакуирани од возовите, додека спасувачките екипи продолжуваат со извлекување на загинатите.

Шпанското Министерство за транспорт, според пишувањето на весникот „Еј-би-си“, како една од првичните хипотези за причините за катастрофата ја разгледува човечката грешка во управувањето со железничкиот сообраќај.

Според информациите што ги објавил весникот, несреќата се случила додека се отстранувал дефект во сигналниот систем. Техничар на јавниот железнички оператор „Адиф“ работел на поправка на главниот сигнален систем, но наводно не успеал да го предупреди брзиот воз АВЕ дека на истата пруга пред него стои запрен воз на компанијата „Ирио“.

Според првичната реконструкција, двата воза во одреден момент застанале. Потоа, наводно, било дадено одобрение возот АВЕ да продолжи, без машиновозачот да биде известен дека возот „Ирио“ сè уште се наоѓа пред него.

Поради тоа што сигнализацијата не го спречила движењето, возот АВЕ удрил во задниот дел од запрениот воз. При ударот, два вагона биле тешко оштетени и паднале на железничкиот насип. Овие информации засега се дел од првичните наводи за истрагата, а причините за несреќата треба да бидат официјално утврдени.

Несреќата се случила околу 8.30 часот, кога возот АВЕ 2080, кој сообраќал од Мадрид кон Севилја, се судрил со возот „Ирио 6076“, кој се наоѓал пред него. По судирот, последните два вагона од возот на компанијата „Ирио“ излетале од шините.

Железничкиот оператор „Адиф“ го прекинал сообраќајот на брзите линии АВЕ во двата правци на релацијата Мадрид – Андалузија. Компанијата пријавила „железничка несреќа на брзата линија меѓу Лос Јебенес и Урда“ и соопштила дека е прекинат сообраќајот меѓу Мадрид, Сиудад Реал и Андалузија.

И „Ренфе“ потврдил дека прекинот на сообраќајот на линијата Мадрид – Андалузија е предизвикан од судирот меѓу двата воза. Засега, ниту „Адиф“ ниту „Ренфе“ не објавиле дополнителни детали за околностите на несреќата или за тоа кога би можел да биде обновен железничкиот сообраќај.

Во соопштението, „Ренфе“ изразил жалење поради извештаите за загинати и повредени, наведувајќи дека приоритет на стручните екипи е да им помогнат на повредените и на семејствата на жртвите.

Компанијата „Ирио“ соопштила дека ги активирала сите протоколи за итни случаи и дека тесно соработува со надлежните институции во справувањето со последиците од несреќата.