Околу 6.000 лица ангажирани со договори на дело, преку привремени вработувања и други форми на договорен ангажман би биле опфатени со предложеното законско решение за трансформација во редовен работен однос, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, пренесе МИА.
Со Предлог-законот се предвидува лицата ангажирани во институциите опфатени со законското решение да добијат работен однос на неопределено време.
Предложеното решение утврдува рокови за спроведување на трансформацијата, заштита на ангажираните лица во текот на постапката, ограничување на идните договорни ангажмани и финансиска контрола на процесот.
Право на трансформација ќе имаат лицата кои ќе поседуваат важечки договор на денот на стапувањето во сила на законот, кој ќе треба да биде важечки и во моментот на трансформацијата. Институциите ќе имаат рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот за склучување договори или донесување решенија за вработување.
Процесот ќе се одвива фазно. За најмногу 50 проценти од опфатените лица договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш по потпишувањето, односно донесувањето, додека за останатите трансформацијата треба да заврши најдоцна до 31 декември 2027 година.
Од опфатот на предлог-законот се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, како и повеќе безбедносни институции.
































