Фото: принтскрин

Во Белград ноќеска е извршен терористички напад врз припадник на Жандармеријата што ја обезбедувал Амбасадата на Израел, по што српските власти го подигнаа нивото на опасност од тероризам на највисок, црвен степен, изјави српскиот министер за внатрешни работи во технички мандат Ивица Дачиќ.

Нападот се случил 15 минути по полноќ, кога засега неидентификувано лице, за кое се претпоставува дека е малолетно и дека потекнува од Шабац, го нападнало полицаецот со два ножа, извикувајќи „Алаху акбар“, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.

Припадникот на Жандармеријата пукал во самоодбрана и го усмртил напаѓачот. Во нападот полицаецот добил расекотина на лицето, но е во добра здравствена состојба и се очекува во текот на денот да биде пуштен од болница.

– Имајќи предвид дека на територијата на нашата земја се случи терористички напад, донесов одлука нивото на опасност од тероризам да се подигне на највисок можен, односно црвен степен – изјави Дачиќ, пренесе Радио-телевизија Србија.

Одлуката предвидува засилени контроли и зголемено присуство на полицијата на локации од посебно безбедносно значење низ Србија, меѓу кои инфраструктурни објекти и места каде што се собираат поголем број граѓани.

Дачиќ изјави дека безбедносните служби претходно го следеле напаѓачот и дека, според досегашните сознанија, тој бил поддржувач на терористичката организација Исламска држава. На неговиот профил на „Инстаграм“ имало црно знаме и симболи на организацијата, додаде министерот.

Истрагата за нападот и утврдувањето на идентитетот на напаѓачот продолжуваат. Асошиејтед прес наведува дека српската полиција случајот го третира како терористички напад.