Драмскиот театар – Скопје до 31 октомври ќе биде домаќин на петтото издание на меѓународниот театарскиот фестивал РУТА.
На сцената „Ристо Стефановски“ во Драмскиот театар – Скопје во текот на фестивалската недела, македонската публика ќе има можност да проследи шест репрезентативни претстави на театрите од регионот. Во фестивалската програма ќе се изведуваат претстави и копродукции од сите членки на Регионалната унија на театри (РУТА), и тоа: Белградско драмско позориште од Србија, „Камерни театар 55“ од Сараево (Босна и Херцеговина), „Казалиште Улисис“ од Хрватска во копродукција со театарот САРТР од Сараево, „Местно гледалишче“ од Љубљана и Центарот за култура од Тиват. Драмскиот театар – Скопје на 31 октомври ќе го затвори годинашното издание на РУТА со изведба на претставата „Љубовта на Федра“.
Годинашниот фестивал, освен главната програма, ја воведува и програмата „МоноРУТА“, на која публиката ќе има можност да проследи четири извонредни монодрами од Србија, Хрватска, Црна Гора и монодрамата на Драмскиот театар – Скопје, „Џеки“, во изведба на Трајанка Илиева Вељиќ. Претставите од програмата „МоноРУТА“ ќе се играат на академската сцена на Факултетот за драмски уметности, со почеток во 17 часот.
Фестивалска новина се и одржувањето на три театарски работилници. На работилниците „Менаџмент во културата во националните, државни и градски театри“ предавачи ќе бидат Душко Љуштина, директор на театарот „Улисис“, и Срѓан Обрадовиќ, извршен директор на Белградскиот драмски театар, додека работилницата „Актерска игра и сценски говор“ ќе ја води познатиот актер Озрен Грабариќ, кој наедно е и професор на Академијата на драмски уметности во Загреб.
Од Драмскиот театар известуваат дека театарските работилници се одржуваат во Драмскиот театар – Скопје на 27, 28 и 29 октомври во 12 часот и се отворени за сите заинтересирани посетители. Исто така, по одржувањето на претставите, секоја вечер за времетраење на фестивалот, публиката ќе може да ги следи разговорите на тркалезните маси со актерите на претставите. Тркалезните маси и оваа година ќе ги модерира д-р Ана Стојаноска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Од Драмскиот театар – Скопје како домаќин на фестивалот РУТА изразуваат задоволство што македонската публика ги препознава квалитетот и можноста во Скопје да се гледаат најактуелните претстави од регионот.
































