Фото: ЕПА
  • Вашингтон не размислува само како да ја запре војната туку и како да го обликува светот што ќе дојде по неа. Во таа визија, мирот за САД не е само дипломатска цел туку и почеток на нова економска офанзива…, а можеби и пожестока економско-финансиска пресметка…

Кога американскиот претседател Доналд Трамп вели дека САД би сакале, по завршувањето на војната, повторно да соработуваат и со Русија и со Украина, тој веројатно не мисли само за „нормализација на односите“. Според повеќе западни аналитичари, „Трамп ја навестува и својата претстава за светот по војната, свет во кој геополитичките противници можат повторно да станат економски партнери“, низ призма на неговата т.н. трансакциска политика, се разбира, доколку за тоа се создадат соодветни политички услови. Во таа реченица, според аналитичарите, се содржи суштината на Трамповиот пристап кон меѓународната политика.
– Таму каде што традиционалната дипломатија зборува за принципи, доверба, безбедносни гаранции и меѓународен поредок, Трамп настојува да ја отвори и сметката. Колку чини конфликтот? Што може да се добие со неговото завршување? Кои пазари повторно ќе станат достапни, кои ресурси ќе бидат предмет на договор и кој ќе има најголемо влијание врз економската реконструкција? Ова не значи дека економската соработка сама по себе е погрешна или дека мирот треба да остане заложник на политичките недоверби. Напротив, трајниот мир тешко може да се замисли без економска обнова и создавање интереси што ќе ги обесхрабруваат идните конфликти. Но проблемот настанува кога економската логика ќе почне да го потиснува прашањето за правдата, одговорноста и суверенитетот на државите што ја платиле највисоката цена – вели еден наш соговорник, поранешен амбасадор на Р Македонија во Америка.

Украина меѓу обновата и сметката

Особено е значајно што Трамп повторно го споменува американско-украинскиот договор за природните ресурси, чија потенцијална вредност, според неговото тврдење, би можела да достигне еден билион долари. Таа бројка треба да се чита како негова процена, а не како потврдена пазарна вредност.
– Политичката порака е доволно јасна. Вашингтон сака американската улога во војната и во поддршката на Украина да има и економска димензија во периодот што ќе следува. Украина, разбирливо, има потреба од огромни инвестиции. Уништената инфраструктура, разорените градови, нарушената енергетика, демографските загуби и долгорочните последици врз стопанството ќе бараат децениски напори за закрепнување. Во такви услови, странскиот капитал е неопходен. Но едно е да се помогне во обновата на една држава, а друго е нејзината ранливост да се претвори во преговарачка предност за оние што располагаат со капиталот. Тука се наметнува прашањето што не може да се избегне во врска со тоа дали повоена Украина ќе биде способна да прифаќа (или, пак, да одбива) услови што ќе го ограничуваат нејзиниот економски и политички суверенитет? Одговорот нема да зависи само од договорите потпишани во Вашингтон и Киев туку и од институционалната способност на украинската држава да ги заштити сопствените интереси, што очигледно со оваа гарнитура тешко ѝ оди – вели поранешниот амбасадор.

Русија како противник денес, а партнер утре

Според нашиот соговорник, во Трамповата визија има и друга, еднакво важна димензија. Имено, веќе е очигледно дека Русија, и покрај војната, покрај санкциите и длабокото нарушување на односите со Западот, не се третира како трајно исклучена од меѓународната економија. Напротив, американскиот претседател отворено остава простор за повторна соработка со Москва.
– Да точно, овој прагматизам на Трамп е таков што може да произведе резултати. Ако економските врски придонесат за прекин на непријателствата, намалување на безбедносните ризици и спречување нова војна, нивното обновување би имало своја логика. Но економската меѓузависност може да биде инструмент на мирот, но не е автоматска гаранција за него. Историјата покажала дека трговијата и инвестициите не се доволни за да ги спречат војните кога интересите и политичките и идеолошки амбиции ќе станат поважни од економската добивка. За тоа и сведочиме со состојбата на ЕУ и нејзината позиција во однос на енергентите од Русија, а и амбициите за проширување, преку Украина, од страна на НАТО, на исток. Значи и покрај економските бенефиции, и тоа од обете страни, тоа не беше гаранција да не се започне со недоразбирања, што на крајот доведе и до конфликт, каде што, според моето мислење, Украина испадна како колатерална штета… – ги истакнува своите размислувања нашиот соговорник, дипломат во пензија со големо меѓународно искуство.

Мирот (не) е само „договор за бизнис“

Според нашиот соговорник, Трамповата порака во суштина, отвора едно пошироко прашање за природата на светскиот поредок што се создава пред нашите очи.
– Дали влегуваме во период во кој големите сили сè почесто ќе ги решаваат конфликтите преку директни договори за влијание, ресурси и економски придобивки, а помалку преку универзални правила и институции? И ако е така, што останува за помалите држави, кои немаат доволно политичка, воена или економска моќ за самостојно да ги диктираат условите? За Македонија, ова прашање не е далечно ниту апстрактно. Како мала држава што својата безбедност и развој ги поврзува со евроатлантските институции, таа има директен интерес меѓународниот поредок да не се сведе исклучиво на волјата на најмоќните. Денес предмет на голема геополитичка трговија е Украина, а утре, во поинакви околности, може да бидат прашања што ги засегаат и други помали земји. Затоа, принципот дека суверенитетот и безбедноста не смеат да бидат само ставки во меѓудржавна пресметка останува од суштинско значење. Се разбира, од една изјава не може да се заклучи дека е постигнат конкретен мировен договор, ниту дека се познати сите услови на идната американско-руска или американско-украинска соработка. Затоа сметам дека изјавата на Трамп е сигнал за неговата политичка и економска логика, а не доказ дека војната е пред завршување или дека спорните прашања се решени. Но токму затоа таа заслужува внимание. Зад зборовите за повторно „започнување бизнис“ се наѕира поширока негова визија за повоениот свет, визија во која мирот може да биде еден вид „помошно средство“ (исто како и војната), за ново економско позиционирање на САД – го анализира концептот на Трамп за економската мапа за повоена Украина и светот, нашиот соговорник, дипломат во пензија со големо меѓународно искуство. П.Р.