Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА ЗА ТРЕТОТО КОЛО НА ЕВРОПСКИОТ КУП

  • Дуелите за пласман во осминафиналето се во ноември, во првиот меч Охрид ќе игра на гости, а Алкалоид дома

Македонските претставници во третото коло на Европскиот куп за ракометари за сезоната 2026/2027 ги добија ривалите за пласман во осминафиналето, па така, Охрид ќе игра со Драгунас Клаипеда од Литванија, а Алкалоид со Горење Велење од Словенија, реши ждрепката влечена вчера во седиштето на Европската ракометна федерација (ЕХФ), во Виена. Вкупно 32 екипи од 24 земји остануваат во трка за трофејот, а сега се очекува серија од два натпревара, дома и на гости, за да се утврди кои екипи ќе продолжат меѓу 16-те најдобри во ова натпреварување.
Третото коло на Европскиот куп на програмата е од 21 до 29 ноември, при што првите натпревари се на 21-22 ноември, а реваншите на 28 и 29 ноември. Во првиот меч Охрид ќе игра на гости, а Алкалоид дома. Во третото коло, Грција и Словенија имаат по три тима, а Македонија, Романија, Србија и Швајцарија по два.
Во Европскиот куп, кој е меѓународно клупско натпреварување веднаш зад Лигата на шампионите и Европската лига, Охрид е бранител на титулата, откако го освои својот прв трофеј во тоа натпреварување минатата сезона, а втората титула за Македонија, по ред и вкупно, ја освои Алкалоид во сезоната 2024/2025, пишува Европската ракометна федерација во својата објава по ждрепката.
Драгунас Клаипеда сезонава не играше во првото коло на Европскиот куп, а во второто двапати ја победи екипата на РОБЕ Зубри од Чешка, прво со 28-22, а потоа со 34-28. Горење, пак, настапи во двете досегашни рунди на овој куп, во првата славеше на дуелите со Парнасос Строволу од Кипар со 38-18 и со 33-24, а во втората се сретна со Ред бојс Диферданж од Луксембург, прво загуби со 29-31, а потоа победи со 32–21. Н.М.