Фото: Принскрин

Подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во Скопје повторно е пуштена во пробна работа, по повеќегодишен период на нефункционирање, информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според неговата објава на Фејсбук, во моментов се вршат технички проверки, калибрирање и нагодување на системот за да се обезбеди правилно функционирање на фонтаната.

Ѓорѓиевски најави и дека просторот на кој се наоѓа подната фонтана повеќе нема да се користи како премин за автомобили и тешки товарни возила.

Паралелно со активностите за повторно ставање во функција на фонтаната, се спроведува и темелно чистење на плоштадот „Македонија“.

Градоначалникот посочи дека чистењето ќе се спроведува редовно, како дел од тековното одржување на централното градско подрачје.

Тој не соопшти кога ќе завршат техничките проверки и кога фонтаната ќе биде пуштена во редовна работа.