Фото: Пиксабеј

Протеинска вода, сладолед, тестенини со сирење, палачинки, инстант кафе, па дури и вотка – производителите сè почесто додаваат протеини во храна и пијалаци што досега не се поврзуваа со таков маркетинг. Една од причините за новиот бум се лековите за слабеење од групата ГЛП-1, како „Оземпик“ и „Мунџаро“, пишува „Ројтерс“.

Корисниците на овие лекови често се советуваат да внимаваат на внесот на протеини и на физичката активност за да помогнат во зачувувањето на мускулната маса додека слабат. Според истражување на „Бостон консалтинг груп“, тие очекуваат да трошат околу 11 проценти повеќе на храна богата со протеини отколку пред да почнат со терапијата.

Прехранбената индустрија брзо реагира. Околу 48 проценти од возрасните во САД сега велат дека сакаат да внесуваат повеќе протеини, што е за седум процентни поени повеќе од лани. Трговскиот ланец „Алди“ годинава воведува протеински палачинки, а „Волмарт“ најави и инстант кафе збогатено со протеини.

Но, паралелно со бумот расте и недовербата. „Ројтерс“ пишува дека открил производи што ја истакнуваат количината протеини врз основа на поголема порција од онаа што се користи кај обичната верзија на истиот производ. Професорот Џонатан Бонет од Стенфорд, кој е и главен медицински директор на Институтот „Ардмор за здравје“, посочува дека некои производи што се рекламираат како богати со протеини всушност имаат слаб однос меѓу протеините и вкупните калории.

И клиничката диететичарка Дана Хунес од Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес предупредува дека просечниот човек не мора да внесува онолку протеини колку што сугерира актуелниот маркетинг. Таа нагласува дека производот не станува автоматски здрав само затоа што на пакувањето пишува „високопротеински“, особено ако содржи многу шеќер, адитиви или е силно преработен.

Новиот бум, затоа, не е само приказна за исхраната, туку и за огромен пазар. Индустријата за храна збогатена со протеини минатата година била вредна речиси 58 милијарди долари, а производителите очекуваат побарувачката дополнително да расте. Во исто време, купувачите сè почесто ги проверуваат декларациите и прашуваат дали плаќаат за навистина поквалитетен производ – или само за зборот „протеин“ на пакувањето.