Претседателката Гордана Силјановска-Давкова смета дека Уставот од 1991 година има позитивни решенија, но и слабости што со текот на времето се покажале како проблематични. По повод 35-годишнината од неговото донесување, таа вчера се сретна со претставници на Македонското здружение на млади правници и други правници избрани на конкурс.
Силјановска-Давкова, која во 1991 година била надворешна членка на Уставната комисија, говорела за концептот, содржината и структурата на Уставот, како и за процесот на неговото донесување. Посебен акцент ставила на подготовката на нацрт-текстот, јавната дискусија и забелешките и предлозите за измени што произлегле од неа.
Таа се осврнала и на дебатите меѓу пратениците, стручната група што го подготвувала работниот текст и експертите вклучени во процесот.
Како што информираат од нејзиниот Кабинет, претседателката позитивно го оценила Уставот од 1991 година, повикувајќи се на споредбени уставни решенија, оценките на меѓународни институции и мислењата на уставноправни експерти. Истовремено, посочила дека дел од неговите решенија не го издржале тестот на времето.
Силјановска-Давкова нагласила дека земјава е меѓу рекордерите по бројот на уставни измени, од кои, според неа, голем дел биле наметнати однадвор. Таа посочила и дека преамбулата била менувана двапати, а како дополнителен проблем ги издвојува непрецизните и нејасни одредби, како и неусогласената правна терминологија, кои оставаат простор за различни толкувања.
Според претседателката, односот кон Уставот не е на нивото што го заслужува еден највисок правен акт и основен општествен договор меѓу граѓаните и државата.
Таа смета дека Уставната комисија треба континуирано да го следи спроведувањето на Уставот, да ги утврдува слабостите на уставноправниот систем и да предлага соодветни решенија. Во нејзината работа, според Силјановска-Давкова, треба да бидат вклучени и надворешни уставноправни експерти. Дополнително, предложила да се подготви нов дел од уставната материја што ќе го уреди односот меѓу македонското и европското право.
На средбата, претставниците на Македонското здружение на млади правници ја истакнале важноста на негувањето уставен патриотизам и едукацијата за Уставот како темел на правниот поредок, гарант на човековите права и слободи и основа за функционирањето на демократските институции.
Тие нагласиле дека Собранието, при евентуални уставни измени, мора доследно да ги почитува предвидените процедури и принципот дека суверенитетот произлегува од граѓаните и ним им припаѓа. Исто така, посочиле дека процесот треба да биде отворен за експертската јавност и да се заснова на инклузивно одлучување.
Средбата е дел од серијата разговори што младите правници ги иницирале со личности кои учествувале во создавањето, толкувањето и изучувањето на Уставот.































