Вие ни пишувате
По повод Месецот на книгата и по повод одржувањето на вториот „Фестивал на калинката“, домот „25 Мај“ – Валандово и здружението за локален рурален развој „Валандер“ – Валандово распишаа креативен конкурс на темата „Калинката – бисери скриени во црвена круна“, наменет за поттикнување на детската креативност, творештвото и љубовта кон пишаниот збор, уметноста и културното наследство.
– Конкурсот опфати три категории: песничка, цртеж и рачна изработка, давајќи им можност на децата преку различни форми на уметничко изразување да ја претстават калинката како симбол на убавината, плодноста, богатството и традицијата на нашиот крај – велат организаторите.
Конкурсот беше успешно реализиран, а големиот интерес од страна на децата уште еднаш потврди дека младите поседуваат огромен творечки потенцијал, богата фантазија и желба да создаваат, да истражуваат и да ги споделуваат своите идеи. Преку песните, цртежите и рачните изработки, децата ја преточија својата инспирација во уникатни творби, покажувајќи дека калинката не е само препознатлив плод на нашето поднебје туку и неисцрпен извор на уметничка инспирација.
Со ваквите иницијативи, домот „25 Мај“ и здружението „Валандер“ продолжуваат да создаваат можности за активно вклучување на децата во културните и едукативните активности, поттикнувајќи го нивниот талент и градејќи мост меѓу образованието, уметноста и локалната традиција.
Секоја песничка, секој цртеж и секоја рачна изработка носат своја приказна, а секое дете што создава придонесува во зачувувањето и збогатувањето на културните вредности на заедницата.
Преку мотото „Калинката – бисери скриени во црвена круна“, конкурсот испрати порака дека вистинското богатство не е само во убавината на плодот туку и во детската имагинација, знаењето, творештвото и љубовта кон традицијата.
Во продолжение објавуваме дел од најуспешните творби на конкурсот.
Валандовска калинка
Секоја година, секоја есен
Валандово во црвено го боиш,
моја лична калинке,
на нашето знаме гордо стоиш.
Од дедо и прадедо
тука си посадена,
дар си ни од Бога
на природата дадена.
Тука си со векови
каде свето сонце грее,
те милува, те гали
и лице ти зрее.
Со круна на глава,
ти силно зрачиш,
некому младост,
некому здравје,
а некому живот му значиш.
Валандовска калинка
кралица лична,
наша и единствена
нема таква слична.
Бисери тајно крие
убавица од бајка,
ги чува, ги штити
како нивна мајка.
Во полето, домовите,
дворовите
мирисот го шири,
со слатко, маџун, сок
душа ќе ти смири.
Денес пак нè собра
ти години не броиш,
како наш белег
во градот гордо стоиш.
Посебна си калинке!
Со богатството во себе,
фестивал на традицијата
ти посветуваме ТЕБЕ.
Марија Фиданска, VII-в одд.
ООУ Јосип Броз-Тито,
Валандово
Првонаградена творба на „Фестивалот на калинката“
Бисери скриени
во црвена круна
Мистериозна дама,
облечена во црвено со став на кралица
лек е за секоја кашлица.
како амбасадорка на есента
никогаш не е сама
со круната своја секогаш
прави фама.
Со зрнцата сочни и мили
ни нуди витамини и сили,
секој нејзин крик
е во секоја приказна нов лик.
Во темен студен мрак,
од неа ќе светне црвен зрак.
Нејзината течност внатре,
како црвено море
од долу до горе.
Понекогаш е кисела,
понекогаш блага,
но нам ни е секогаш драга
Топло и живо грее
да знаете, со тоа ни се смее.
Во секое нејзино зрно,
радост се крие,
со секој нејзин вкус,
Валандово живее.
Живеј калинке, гордост наша,
ти си ни здравје една
полна чаша.
Црвена круна наша,
со милион бисери наредени,
ти си ни аманет оставен,
ти си ни љубов што не се мери.
Драгана Рајкова, VIII одд.
ООУ Јосип Броз-Тито,
Валандово
Второнаградена творба на
„Фестивалот на калинката“
































