Фото: Архива „Нова Македонија“

Како ќе се одрази намалената вредност на европската валута врз економијата

  • Промената на вредноста на еврото споредено со доларот или некоја друга (глобална) валута нема влијание врз денарската противвредност на главнината и ратите на кредитите во евра или во денари со евроклаузула
  • Во овие услови, за домашните увозници што плаќаат во американски долари, истата вредност на увезената стока би значела повисок трошок изразен во денари

Новите геополитички случувања ја намалуваат вредноста на еврото, кое изминатиов период падна на најниското ниво во последната година и повеќе. Дополнително, економистите посочуваат дека и во следниот период се стравува дека вредноста на еврото ќе продолжи да се намалува, а тоа очекувано ќе изврши влијание и врз македонската економија.
Еврото бележи пад во однос на доларот во поголемиот дел од 2026 година и од почетокот на годината ослабе за околу пет проценти, но на почетокот на октомври падна на 1,12 долари, што е најниско ниво од почетокот на 2025 година.
Со оглед на поврзаноста на македонската економија со европската и фактот дека најголем дел од соработката на домашните извозни компании се поврзува со европската економија, очекувано е да има рефлексија и врз случувањата во домашната економија. Но клучното прашање е колкав и каков ефект ќе имаат промените на вредностите на двете светски најбарани валути.

Кредити поврзани со ЕУРИБОР

Голем дел граѓани во Македонија се корисници на кредитни заеми од банките, а некои од кредитите се поврзани со ЕУРИБОР. Како што е веќе познато, ЕУРИБОР е референтна каматна стапка по која големите европски банки си позајмуваат пари една на друга на меѓубанкарскиот пазар во евра. Тоа е значајно за македонските кредитокорисници бидејќи голем дел од долгорочните кредити во Македонија (најчесто станбените и хипотекарните кредити) се одобруваат со променлива каматна стапка што е директно врзана за ЕУРИБОР. Тоа се кредити во евра или во денари со девизна клаузула во евра.
Но клучното прашање сега е дали промената на вредноста на еврото ќе се одрази врз кредитите и депозитите во Македонија, особено оние кредити што се поврзани со ЕУРИБОР. Претставниците на Народната банка на Република Македонија потенцираат за „Нова Македонија“ дека промената на вредноста на еврото споредено со доларот засега не се очекува да влијае и врз кредитите на нашите сограѓани.
– Народната банка не располага со прецизни податоци за тоа колкав дел од кредитите и депозитите имаат променлива каматна стапка што зависи исклучиво од движењата на ЕУРИБОР. Имајќи ја предвид примената на политиката на де факто фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото, промената на вредноста на еврото во однос на американскиот долар нема влијание врз интервалутниот однос меѓу денарот и еврото. Оттука, промената на вредноста на еврото споредено со доларот или некоја друга (глобална) валута нема влијание врз денарската противвредност на главнината и ратите на кредитите во евра или во денари со евроклаузула – нагласуваат од НБРСМ.
На удар увозниците што плаќаат во долари

Од Народната банка посочуваат дека промените на вредноста на еврото во однос на американскиот долар можат да имаат одредени ефекти врз домашната економија, првенствено преку надворешнотрговската размена и увозните цени.
– Имајќи ја предвид политиката на одржување стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, слабеењето на еврото во однос на доларот се одразува и врз вредноста на денарот во однос на доларот. Во овие услови, за домашните увозници што плаќаат во американски долари, истата вредност на увезената стока би значела повисок трошок изразен во денари. Ова е особено релевантно за производите и суровините чии цени се изразуваат во долари, вклучувајќи и одредени енергенти – укажуваат аналитичарите на НБРСМ.
Потоа оттаму додаваат дека домашните извозници што остваруваат приходи во долари би добивале повисока денарска противвредност за ист износ на доларски приходи, при непроменета цена изразена во долари.
– Негативен ефект би имале и економските субјекти со обврски по основ на надворешен долг во американски долари, бидејќи се зголемува денарската противвредност на долгот и неговата отплата. Сепак, конечниот ефект врз нивната финансиска состојба зависи и од валутата во која ги плаќаат влезните инпути и од нивната вкупна валутна изложеност – нагласуваат од Народната банка.
Сепак, значењето на овие ефекти за македонската економија е ограничено. Според податоците на Народната банка за 2025 година за трговската размена со странство според валути, само околу 6 проценти од вкупниот извоз е во американски долари, додека учеството на увезените добра во американски долари изнесува околу 10 отсто од вкупниот увоз на стоки.
Дополнително, во 2025 година делот од бруто-надворешниот долг во американски долари изнесува 7,1 отсто и целосно е на приватниот сектор – 5,5 проценти се однесуваат на другите сектори во економијата (корпоративниот сектор), додека преостанатите 1,6 отсто се меѓукомпаниски долг.
– Резимирано, директните ефекти од растот на американскиот долар во однос на домашната валута врз надворешнотрговската размена и надворешниот долг би биле мали и ограничени. Ефектите врз домашната економија зависат од обемот на трансакциите во различни валути, цените на меѓународните пазари и степенот на пренос на промените на увозните трошоци врз домашните цени. Поради тоа, самото движење на курсот евро/долар не е доволно за да се оцени големината на ефектите врз економската активност и инфлацијата во земјата – потенцираат од НБРСМ.

Инфлацијата во Европа пред сè преку увозните цени ќе се прелева во Македонија!?

Последниве месеци во Европската Унија повторно расте инфлацијата, што создава загриженост кај економистите, особено по вртоглавиот раст на цените на нафтените деривати. За банкарите е очекувано инфлацијата од ЕУ да се пренесе и во Македонија.
– Можно е зголемувањето на инфлацијата во Европската Унија да се пренесе и врз домашната економија, пред сè преку увозните цени, имајќи ги предвид високата трговска поврзаност на нашата економија со земјите од ЕУ и значителното учество на увозните производи и суровини во домашната потрошувачка и производството – велат од НБРСМ.
Потоа оттаму посочуваат дека, доколку слабеењето на еврото доведе до повисоки цени на увозните производи и суровини на европскиот пазар, особено на оние што се набавуваат во американски долари, тоа може да создаде дополнителни притисоци врз трошоците на домашните компании, а посредно и врз конечните цени на производите и услугите.
Но од НБРСМ додаваат дека ова не подразбира автоматски пренос бидејќи влијаат повеќе фактори.
– Сепак, преносот на овие ефекти не е автоматски ниту целосен, туку зависи од движењето на меѓународните цени, структурата на увозот, трошоците на производителите и трговците, како и од состојбите на домашниот пазар. Притоа, увезената инфлација е само еден од факторите што можат да влијаат врз домашните цени. Состојбите на пазарот на трудот, динамиката на побарувачката, мерките на носителите на политиките се исто така фактори што дејствуваат на динамиката на инфлацијата. Засега инфлацијата се движи во согласност со очекувањата, па дури е и нешто пониска во однос на проекциите и останува во умерени рамки. Народната банка внимателно ги следи движењата во надворешното опкружување и во домашната економија, како и нивните можни ефекти врз домашната инфлација. Ова со цел одржување на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото – нагласуваат од Народната банка. Е.Р.