Рим е против натамошно централизирање во процесот на одлучување од страна на европската влада
- Италијанскиот нонпејпер за реформата на европската дипломатија отвора нова дебата за границите на моќта на Унијата, во време кога незадоволството на граѓаните од економските и од социјалните политики сè погласно се чувствува на европските улици
Европската Унија сè поочигледно се соочува со дилемата колку заедничка власт им е потребна на нејзините членки, а колку национална самостојност им е неопходна за да ги заштитат сопствените интереси. Во време кога од Брисел доаѓаат иницијативи за поголема координација и централизирање на одлучувањето, во дел од европските политички кругови расте отпорот кон моделот во кој националните влади би имале сè помал простор самостојно да ги определуваат своите приоритети. Суверенистичките партии и политички сили во Франција и Германија, но и во други земји, ја градат својата позиција токму врз барањето националните престолнини да го задржат главниот збор за прашањата што непосредно ги засегаат нивните граѓани.
Ако и во двете земји што традиционално се сметаат за мотор на европската интеграција сè погласно се преиспитуваат границите на надлежностите на Брисел, тогаш се наметнува прашањето каква Европска Унија ќе остане во иднина, дали таа ќе продолжи да се движи кон подлабока политичка интеграција или, пак, ќе мора да бара поинаков баланс меѓу заедничките институции и националните влади. Прашањето станува уште позначајно во услови на нов бран социјални незадоволства, растечки трошоци за живот и недоверба во способноста на политичките елити да ги исполнат ветувањата. На оваа дебата сега се надоврзува и Италија, со нонпејпер во кој бара националните влади да го задржат доминантниот збор во надворешната политика на Унијата.
Рим бара европска дипломатија под контрола на членките
Италијанската иницијатива доаѓа во чувствителен момент, кога Франција и Германија веќе го отворија прашањето за реорганизација на европското надворешно дејствување. Нивниот предлог е насочен кон поцврсто институционално поврзување на Европската служба за надворешно дејствување, која има околу 5.000 припадници, со Европската комисија, со цел да се постигне поусогласен и поефикасен меѓународен настап на Унијата.
Рим, меѓутоа, сака реформата да не се претвори во пренесување на политичката моќ од националните престолнини кон Брисел. Според италијанскиот нонпејпер, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика треба да добие посилна координативна улога, да ги усогласува комесарите и политиките со меѓународна димензија и да биде јасно позициониран во раководната структура на комисијата. Но истовремено се инсистира тој да продолжи да дејствува „како што е наложено од Советот“, односно врз основа на политичкиот мандат на земјите членки.
Италија бара и позачуван хибриден карактер на дипломатската служба, со рамнотежа меѓу европските службеници и националните дипломати. Поголемата размена на кадри треба да овозможи пренесување на искуството меѓу институциите и да спречи создавање самостојна бирократска култура, оддалечена од националните влади.
Рим предлага и поголемо учество на министрите за надворешни работи во координацијата на европските политики, појасна поделба на надлежностите меѓу различните тела на Советот и поголемо влијание на националните престолнини при одлучувањето за отворање или затворање делегации на ЕУ во странство. Притоа, Италија смета дека прво треба да се искористат можностите што ги дозволуваат постојните европски договори, додека евентуалните пошироки промени треба да бидат дел од подлабока расправа за начинот на управување со Унијата.
Со други зборови, Италија не ја отфрла потребата од поефикасна европска дипломатија, но сепак, сака да постави граница до каде може да оди институционалната централизација, без националните влади да го загубат влијанието врз надворешната политика. Токму тука се среќаваат двете дилеми на актуелната реформа околу тоа како Европа да настапува поусогласено пред светот, а притоа да не ги претвори националните влади во извршители на одлуки донесени надвор од нивната непосредна контрола.
Кога граѓаните бараат одговори, а Брисел бара поголеми надлежности
Овој спор не може да се разгледува само низ призмата на институционалните односи, туку во заднина се и пошироките економски и социјални незадоволства што последниве недели повторно ги наполнија улиците во повеќе европски земји. Во Франција протестите против растечките трошоци за живот и слабеењето на јавните услуги прераснаа во поширок израз на незадоволство. Во Шпанија и Португалија, станбената криза, скапите кирии и ниската куповна моќ ги поттикнуваат граѓаните да бараат промени. Протести и судири се забележани и во Италија и Белгија, додека во други делови на Европа се појавуваат слични знаци на социјална напнатост.
Секако, овие протести не се предизвикани само од политиките на Брисел, ниту нивните учесници имаат единствени барања. Но тие укажуваат на поширок проблем дека граѓаните сè потешко прифаќаат објаснувања дека нивните жртви се неопходни за некакви идни придобивки, додека секојдневниот живот станува поскап, а перспективите за младите и за семејствата сè понеизвесни.
– Токму во таква атмосфера се поставува прашањето кој ги претставува граѓаните кога се носат одлуки со големи економски и безбедносни последици. Тие гласаат на национални избори, избираат национални влади и очекуваат тие да ги спроведуваат ветените политики. Ако националните влади, пак, сè почесто се повикуваат на европски договори, заеднички приоритети и одлуки донесени на ниво на Унијата, тогаш лесно може да се создаде впечаток дека одговорноста се префрла од едно на друго ниво, а граѓаните остануваат без јасен одговор кој навистина одлучува – сметаат дел од добрите познавачи на внатрешните состојби на Унијата.
Според нив, италијанскиот нонпејпер треба да се чита и како обид да се зачува политичката врска меѓу националните влади и европските институции.
– Рим сака гласот на Италијанците, изразен преку нивната избрана влада, да има посилно место во европското одлучување. Тоа не значи дека националните интереси секогаш се совпаѓаат со заедничкиот интерес, ниту дека секоја одлука на Брисел е погрешна. Но ако европската интеграција сака да ја задржи довербата на граѓаните, таа не може да се сведе само на пренесување надлежности кон заедничките институции, без јасно да се објасни кој одлучува и пред кого одговара. Оттука, вистинската дилема не е дали Европа треба да има заедничка надворешна политика, туку кој ќе ја обликува и под каква контрола ќе се спроведува. Реформата на европската дипломатија може да биде чекор кон поефикасна Унија, но може и да ја продлабочи недовербата ако се доживее како оддалечување на одлучувањето од граѓаните. Ако Брисел сака посилна Европа, тогаш мора да покаже дека заедничката моќ не значи слабеење на демократската одговорност на националните влади. Инаку, ризикот не е само во институционалните несогласувања туку и во продлабочувањето на јазот меѓу европските граѓани и политичките центри што тврдат дека дејствуваат во нивно име. А токму тој јаз може да ја направи дебатата за суверенитетот едно од клучните прашања за иднината на Европската Унија – заклучуваат аналитичарите.































