Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА

  • Штип УГД неделава ќе игра во Лигата на шампионите, Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ во Челинџ-купот, а Струмица 47&72 почнува со обврските во европските купови кон средината на следниот месец

Три од четирите македонски претставници сезонава во европските клупски купови се активни неделава, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Машкиот првак Штип УГД утре во СРЦ „Џексон“ во Штип (од 18 часот) го игра реванш-натпреварот со холандски Орион Старс во Лигата на шампионите (ЛШ) на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Македонскиот шампион минатата недела го загуби првиот меѓусебен дуел на гостувањето во Дутинхем, па сега на домашен терен ќе бара шанса за да остане во игра во елитното натпреварување, а за штипјани натпреварот е со предзнак историски, со оглед на тоа дека првпат во градот под Исарот ќе се игра еден натпревар од Лигата на шампионите, пишува ОФМ.
Одбојкарките на Работнички Скопје ја продолжуваат традицијата да бидат активни на европската сцена. Сезонава ќе се натпреваруваат во Челинџ-купот на ЦЕВ, каде што за противник го имаат грчки Заон Кифисиа. Македонскиот првак имаше статус на носител при ждрепката, па, така, првиот меч ќе го игра на гости, денеска (од 17 часот).
По минатогодишното деби од соништата во Лигата на шампионите, Јанта Волеј КВ годинава ќе настапи во Челинџ-купот на Европската одбојкарска конфедерација. Во првото коло, екипата се соочува со чешка Прага.Македонскиот претставник го игра првиот меч на домашен терен, во спортската сала во Куманово, денеска (од 19.30 часот).
Струмица 47&72 почнува со обврските во европските купови кон средината на следниот месец, пишува Одбојкарската федерација на Македонија. Н.М.