AЛПСКО СКИЈАЊЕ
Новата сезона на Светскиот куп (СК) во алпско скијање почнува викендов, традиционално во австрискиот Зелден, со велеслаломските трки за жени в сабота и за мажи в недела. Ова ќе биде 61. сезона на СК, во која ќе се прослави и 60-годишнината од првите трки, одржани во јануари 1967 година.
Скијачите ќе имаат вкупно 43 трки, а скијачките 40, а предвидени се неколку нови ноќни натпревари. Финалните трки сезонава треба да се одржат во Сан Вели (САД), во март.
Минатата сезона големите кристални глобуси за титулите во генералниот пласман во Светскиот куп ги освоија Марко Одермат (Швајцарија) и Микаела Шифрин (САД). По дисциплини, малите кристални глобуси ги освоија Одермат (спуст и супервелеслалом), Лукас Пинеиро Братен од Бразил (велеслалом) и Атле Ли Меграт од Норвешка (слалом) во машка конкуренција и Лаура Пировано од Италија (спуст), Софија Гоџа од Италија (супервелеслалом), Јулија Шајб од Австрија (велеслалом) и Шифрин (слалом), во женска конкуренција.
Сезоната ќе биде прекината во февруари в година, кога е предвидено одржувањето на 49. Светско првенство (СП) во алпско скијање во Кран Монтана (Швајцарија). Н.М.
































