ЕВРОПА ОПФАТЕНА СО НОВ БРАН ПОЛИТИЧКИ ПРЕВИРАЊА
Европската Унија се соочува со ризик да остане парализирана од внатрешни политички превирања во земјите членки што заедно сочинуваат околу 60 отсто од нејзиниот БДП и население, поради тешкотиите за постигнување договор за својот најголем буџет досега, пополнувањето на огромната финансиска дупка за финансирање на Украина и справувањето со геополитичкиот притисок од светските сили САД и Кина. Носењето одлуки во ЕУ е дополнително отежнато поради претстојните избори во Шпанија односно во Италија и во Франција.
– Сите беа свесни дека треба да постигнеме политички договор до крајот на годината. Но поради изборите во Шпанија тоа веќе нема да биде можно. А следната година на ред се Франција, Италија и други земји што ќе излезат на гласање – изјави кипарскиот претседател Никос Христодулидес за „Политико“ во интервју на маргините на минатонеделниот Европски совет, осврнувајќи се на сложените преговори за буџетот на Унијата.
ЕУ се соочува со дилема без преседан
Четирите најголеми економии во ЕУ – Германија, Франција, Италија и Шпанија – треба да одржат избори или се опфатени во политички превирања, што може сериозно да ја ограничи способноста на Унијата да реализира какви било активности, како што забележува и реномираниот медиум „Политико“.
Шпанија ќе гласа следниот месец, при што десниот центар и десницата имаат добри изгледи да дојдат на власт. Во Франција во април идната година се менува претседателот, а анкетите ѝ даваат предност на претставничката на десницата Марин Ле Пен. Во Германија партијата Алтернатива за Германија (АфД) бележи пораст на поддршката, што ја доведува во прашање канцеларската позиција на Фридрих Мерц. Исто така, владата на италијанската премиерка Џорџа Мелони ја очекуваат избори во 2027 година.
Последиците веќе стануваат очигледни. Последниот самит на Унијата понуди навестување за она што претстои: по дводневни разговори, лидерите не успеаја да постигнат напредок околу буџетот од два билиона евра, туку се впуштија во неочекувано жестока расправа за енергетската политика. Во заклучоците од самитот изостана какво било спомнување за постигнување консензус за буџетот пред крајот на годината; земјите членки се спротивставија на предлогот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, крајниот рок да биде крајот на годинава, иако за ноември и декември се веќе закажани нови самити. Доколку тие состаноци не резултираат со договор, тогаш и онака напнатите преговори ќе се пренесат во 2027 година, кога изборните битки веројатно уште повеќе ќе натежнат врз преговарачкиот процес, а владите може да бидат сè понеподготвени да направат компромиси неопходни за постигнување договор.
Притисоци врз Унијата од сите страни
Парализата, од која стравува Брисел додека европскиот изборен циклус добива на интензитет, веќе почнува да се чувствува. Минатонеделниот самит покажа колку станува тешко да се постигнат компромисите што му се потребни на блокот. Наместо да склучат некои големи договори (француско-германскиот договор за автомобилската индустрија беше единствениот исклучок), лидерите го искористија собирот за да ги зацврстат своите веќе вкоренети ставови и да се обидат да стекнат тактички предности пред спротивставените табори.
Песимизмот е очигледен според шестмина дипломати и функционери со кои разговараше „Политико“, при што неколкумина предупредија дека ЕУ ја очекуваат сериозни пречки во наредните месеци. Внатрешните проблеми во Унијата тешко дека можеа да се појават во полош момент. Од ослабувањето на врските во трансатлантскиот сојуз со САД, па до сè поголемиот трговски дисбаланс со Кина, ЕУ се соочува со растечки геополитички и економски притисоци на повеќе фронтови.
Европа е без јасен лидер
Проблемите на ЕУ се протегаат подалеку од нејзиниот буџет или поединечните политички прашања. Со оглед на тоа што политичката иднина на некои од најмоќните европски лидери е неизвесна, Брисел ризикува да ги изгуби стабилните сојузи и искусните национални лидери што се клучни за постигнување компромиси.
– Сега имаме Европа без јасен лидер. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, е моќна, но немаме некој како Меркел или Митеран – истакна дипломат од ЕУ.
Францускиот претседател Емануел Макрон, според Уставот, не може да служи трет последователен мандат, па по напуштањето на Елисејската палата во април, ќе мора да бара ново место за престој во Париз. Според четворица европски дипломати, за време на дискусија зад затворени врати на самитот минатата недела Макрон признал дека во своите последни месеци на власт нема да има политички мандат за потпишување договор за буџетот. Според анкетите, шпанскиот премиер Педро Санчез се соочува со пораз по осум години на власт. Шпанците ќе гласаат на 29 ноември, што значи дека Санчез ќе биде целосно фокусиран на изборите за време на состаноците на лидерите на ЕУ, закажани за 13 и 26 ноември. Неизвесно е и колку долго германскиот канцелар Мерц ќе остане на функцијата. Иако следните сојузни избори се закажани дури за 2029 година, растечката сила на партијата АфД и наглиот пад на неговата популарност ја отежнуваат подготвеноста на Мерц за правење компромиси. И во Италија се очекуваат избори во октомври 2027 година, кои би можеле да бидат распишани и порано.
Нема консензус ниту за финансирањето на Украина
Вашингтон ги доведува во прашање старите сојузи што со генерации беа темел на европската безбедност, а Пекинг ја засилува контролата врз клучните синџири на снабдување и ги преплавува европските пазари со подостапни производи. Тука е и проблемот со Украина. Според ММФ, оваа земја следната година ќе се соочи со буџетски дефицит од 30 до 35 милијарди долари, и покрај 90-те милијарди евра што ЕУ веќе се согласи да ги издвои минатата година.
Едно од решенијата за финансиските маки на Украина би можело да бидат руските средства во вредност од 200 милијарди евра, кои се неодредено време замрзнати во финансискиот депозитар „Евроклир“, со седиште во Брисел. Сепак, нема знаци дека ЕУ ќе постигне консензус ниту по ова прашање. Други можни решенија, како што е издавањето дополнителен заеднички долг, ќе бараат сложени и тешки компромиси, токму во момент кога Брисел има уште помалку простор за маневрирање. Р.С.
Истекува времето за финализирање на буџетот
Висок функционер на ЕУ сугерираше дека јануари би можел да биде идеален момент за финализирање на буџетот. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ја нагласи потребата од постигнување договор за буџетот на ЕУ до крајот на годинава, ги отфрли стравувањата дека претстојниот бран на избори во земјите членки би можел да претставува пречка.
– Живееме во 27 демократии. Речиси секој месец имаме некакви избори. Ако се водиме според изборите, никогаш не би можеле да усвоиме нов буџет – изјави Кошта.
Зигфрид Мурешан, коизвестувач за буџетот од редовите на Европската народна партија, изјави дека лидерите на ЕУ досега едноставно беа премногу бавни, нагласувајќи дека „времето истекува“. Р.С.
































