Француската влада најави масовно распоредување на полициските сили за протестите планирани за сабота, 24 октомври, откако безбедносните служби беа критикувани за реакцијата за време на немирите на 17 октомври.
Премиерот Себастијан Лекорну оцени дека полицијата за време на претходните немири била „престатична и недоволно мобилна“. Тој посочи дека министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, веќе им дал насоки на полициските префектури за подготовките за новите протести.
Нуњез најави дека дел од армијата ќе биде ангажиран за да ја засили безбедноста и да им овозможи на полицијата и жандармеријата поголема мобилност при одржувањето на јавниот ред.
-Ќе ги распоредиме силите Сентинел како замена за внатрешните безбедносни сили, главно за да ги ослободиме полицијата и жандармеријата во нивната мисија за одржување на редот – изјави Нуњез.
Сентинел е антитерористичка операција на француската армија, започната во јануари 2015 година од тогашниот претседател Франсоа Оланд, по терористичките напади врз сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“. Нејзината задача е обезбедување чувствителни локации, меѓу кои верски објекти, училишта, железнички станици, аеродроми и туристички места.
Француските власти ги ангажираат овие сили и како поддршка при масовни протести и немири, особено за статично обезбедување на објекти, со што се ослободуваат полициските единици за интервенции и одржување на јавниот ред.
Во меѓувреме, и Италија најави засилување на безбедносните мерки по насилните протести во Милано. Вицепремиерот Матео Салвини соопшти дека владата ќе испрати дополнителни 500 војници за да го „одбранат Милано“, по немирите поврзани со незадоволството од јавните услуги и зголемените трошоци за живот.
Италијанската полиција соопшти дека во неделата во Милано биле приведени 271 млад човек. На немирите им претходеле судири во саботата и во други градови во северна Италија, меѓу кои Болоња, Бреша, Бергамо и Торино.
































