Фото: МВР

Двајца српски државјани биле лишени од слобода на граничниот премин Табановце, откако системот „Безбеден град“ регистрирал дека на автопатот А1, на делницата од тунелите Демир Капија до Гевгелија, возеле со брзина повеќе од двојно над дозволената.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 36-годишна жена била запрена на 18 октомври во 19:05 часот, при излез од државата. Таа управувала автомобил „мерцедес“ со српски регистарски ознаки, а системот евидентирал дека возела со 169 километри на час на делница каде максималната дозволена брзина е 80 километри на час.

Неколку часа подоцна, во 22:45 часот, на истиот граничен премин бил лишен од слобода и 58-годишен српски државјанин. Тој управувал автомобил „ауди“, а според евиденцијата на „Безбеден град“, на истата делница возел со брзина од 175 километри на час.

– Преку системот „Безбеден град“ било констатирано дека бил евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – ‘безобѕирно управување со моторно возило – соопшти МВР за вториот случај.

И двајцата биле спроведени во полициска станица, а од Министерството информираат дека по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.