Фото: Архива

Библиотерапевтски работилници во Крива Паланка, Гостивар и Демир Хисар

Задутре е 15 октомври, датум што ќе го означи почетокот на Месецот на книгата. Токму книгите имаат важна улога во животот на секој човек, но љубовта кон нив и читачките навики се стекнуваат уште од најмала возраст. Покрај улогата да нѐ информираат, да нѐ образоваат и да нѐ забавуваат, добрите книги нѐ насочуваат кон размислување и кон развивање здрави навики. Образовните и културните институции играат важна улога во оформувањето здрави личности и може да помогнат во соочување со разни видови предизвици кај децата со ментални здравствени проблеми.
Ваквите информации биле повод и причина библиотекарката Маја Трајковиќ од ООУ „Невена Ѓорѓиева-Дуња“ од скопската општина Кисела Вода да го осмисли, да го конципира и да го реализира проектот „Подобрување на менталното здравје кај децата со читање“
– Децата во својата најрана возраст имаат природна љубопитност, а таа треба да биде задоволена на вистински начин. Низ работилниците со обработки на книгите, чии теми се блиски за нив, се поттикна желбата за читање, а децата осознаа дека интернетот не е единствен центар на информации и дека книгата е вистински извор на знаење, мудрост и релевантни податоци – раскажува библиотекарката Трајковиќ.
Настаните претставуваа креативни работилници на синергија помеѓу книжевноста и другите уметности, со цел да им се приближи литературата на децата преку за нив можеби попривлечни уметности, како сликање и музика, кои се одржаа во текот на септември во Центарот за култура во Крива Паланка, Центарот за култура АСНОМ во Гостивар и Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар, со ученици од основните училишта ООУ „Свети Јоаким Крчовски“ oд Крива Паланка, ООУ „Гоце Делчев“ од Гостивар и ООУ „Гоце Делчев“од Демир Хисар и нивните библиотекарки и наставнички Јулијана Стоименова, Наташа Милчевска, Валентина Николовска, Габриела Мерџаноска и Билјана Соколовска.

– Проектот содржеше игровни активности, каде што читателите можеа да бидат флуентни, односно да развијат брзина и леснотија за нови креативни идеи, флексибилни односно да ја развиваат способноста да ги гледаат нештата од различни агли, оригинални, но и да ги развијат идеите во рамките на нивните крајни можности – објаснува Трајковиќ, чии книги „Златна душа“ и „Колку сме искрени да кренеме рака“ беа искористени за работилниците и подарени на библиотеките и културните институции.
Ваквиот тип работилници всушност се обид на авторката преку книгите да се обезбеди подобро ментално здравје кај учениците, со оглед на тоа што активностите опфаќаат анализирање на чувствата како што се незадоволството, несигурноста, чувството на срам, анксиозноста и апатијата, а многупати тие се чести препреки при вербалното и писменото изразување кај децата, но и препреки во нивниот целокупен развој.
– Со поддршка за емоционалното, социјалното и когнитивното функционирање на децата се прифаќаат и промените што им се случуваат во пубертетот и така им се обезбедува стабилна и поддржувачка средина. Токму затоа, преку овој проект сакавме да создадеме позитивни промени и да придонесеме за психолошка благосостојба на нашите најмлади – вели Маја Трајковиќ.
Според неа, ваквите активности ги развиваат емпатијата, космополитизмот и интеркултурните односи, а истовремено покажуваат дека училишните библиотеки еднакво им припаѓаат и на образованието и на културата и се во функција на популаризација на книгата и читањето, кои имаат важна улога во психоемотивниот развој на децата.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија. Ф.Д.