Над 200 средношколци од Кавадарци снимија долгометражен филм
„Минуваат ли облаците“, по сценарио и во режија на Димитри Тодоров, е младински средношколски филм создаден со многу ентузијазам, храброст, истрајност и огромна љубов кон уметноста, во кој младоста дише во секој кадар. На премиерата на филмот, која се случи на 28 септември во Кавадарци, публиката имаше можност да види филм во кој младите не се само актери туку и носители на една идеја, дел од еден заеднички сон и творци на сопствената приказна. Видовме филм што го отвора светот на младите од нивна перспектива, но и нивните вистински предизвици, дилеми притисоци, стравови, личните надежи и соништа преку изборот што треба да го направат.
Овој голем филмски проект успеа да ги обедини средношколците од сите три средни училишта во Кавадарци. Неговата долга предизвикувачка реализација започна во 2025 година, обединувајќи околу двесте средношколци во најголем дел од гимназијата „Добри Даскалов“. Во филмот се појавуваат педесетина лика, од кои 12 во главни улоги, а се снимаше на повеќе локации во Кавадарци, Скопје, Велес и Охрид.
„Минуваат ли облаците“ всушност е метафора за сите оние моменти кога младоста се соочува со темнина, неизвесности и прашања без лесни одговори, но со силна порака дека ниту еден облак не е вечен и дека зад него секогаш се појавува сонце.
На режисерот Димитри Тодоров ова не му е прв проект. Претходно снимил еден краткометражен филм, како и долгометражниот филм „Роза на асфалтот“, со кои тимот освоил неколку награди. Меѓутоа снимањето на овој филм било пресудно, по матурата, да избере да се занимава со филм и сега е студент на Факултетот по филмска режија во Скопје. Тој ни откри дека пишувањето на сценариото го започнал во 2024 година, но идејата долго тлеела во него.
– Првичната идеја за овој филм се роди уште во август 2023 година, кога напишав дел од сценариото, но поради низа причини никако не бев во можност да го реализирам. Приказната што ја носи „Заминуваат ли облаците“ има цел да се прикажат проблемите на младите за кои, за жал, не се зборува доволно гласно. Станува збор за повеќе приказни, кои ги споив во една, и сега, по премиерата, со задоволство можам да кажам дека повеќе уживав во самиот процес на создавањето на филмот – вели тој.
Уште при самата аудиција за избор на ликовите Тодоров бил изненаден од големата заинтересираност на средношколците, кои целосно му верувале дека филмот навистина ќе биде снимен.
– Сите грешки, проблеми, убави и лоши моменти беа дел од патот по кој се создаваше филмот. Ако не беа целиот тим и оние зад камерите, филмот немаше да биде снимен. Дружбата и спомените со секој од учесниците се токму тоа што останува во нас, бидејќи имав можност да запознаам прекрасни луѓе со кои се зближив многу и сега ги сметам за многу блиски – вели режисерот Димитри Тодоров.
Со овој огромен тим средношколци работеше нивната омилена менторка, професорката Васка Петкова, која вредноста на филмот ја гледа токму во фактот дека тој е создаден од самите средношколци.
– Неколку генерации гимназијалци оставија свој белег за својата младост. Некои од нив денес се студенти, но не дозволија времето, обврските и промените да ја прекинат заедничката приказна. Желбата да се доврши започнатото беше посилна од сите препреки, што е доказ дека кога една идеја ќе се обедини, знаењето само се пренесува, а дружењето прераснува во нешто трајно и вредно -вели професорката Петкова.
По успешната премиера и двете репризи, „Минуваат ли облаците“ продолжува на своето филмско патување и ќе биде прикажан во повеќе градови. Ќе патува приказната што поставува прашања на кои можеби најубавиот одговор го даваат токму младите – дека треба да се има храброст, да се сонува, да се истрае и да се продолжи напред – дури и кога небото е покриено со облаци.
Мирјана Мукаетова































