Триесет и деветгодишен скопјанец бил лишен од слобода во близина на гевгелиското село Богородица, откако полицијата во возилото што го управувал пронашла седум мигранти од Авганистан и Египет, информира Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил регистриран вчера во 16:50 часот, кога полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица, при Регионалниот центар за гранични работи Југ, извршиле преглед на патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки. Во возилото управувано од Б.К. (39) биле пронајдени пет лица од Авганистан и две од Египет.
Околу 18.30 часот биле пронајдени уште две лица од Египет, за кои полицијата утврдила дека биле дел од истата група, но не влегле во возилото на локацијата позната како Краварски пат.
Во врска со случајот, под сомнение за сторено кривично дело по член 418-б од Кривичниот законик, на 12 октомври во 00.05 часот бил лишен од слобода и 17-годишник од Египет, со привремен престој во Грција.
Од МВР информираат дека мигрантите биле сместени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, додека Б.К. и малолетникот биле задржани во полициска станица.
По целосното документирање на случајот, најавуваат од Министерството, ќе следува соодветна пријава.

































