Министерството за надворешни работи и надворешна трговија реагира на приемот на Ива Михајлова на високо ниво во Софија, оценувајќи дека ваквото постапување на бугарските државни институции ги поткопува напорите за градење доверба и е спротивно на декларираните заложби за развој на добрососедските односи, пренесе МИА.
Од Министерството посочуваат дека приемот на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака, нагласувајќи дека националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да бидат заштита од одговорност пред надлежните институции.
-Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите – се наведува во реакцијата.
Од МНРиНТ истакнуваат дека од Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваат почитување на судските постапки, соработка меѓу надлежните институции и еднаквост пред законот. Според Министерството, постапките што создаваат впечаток на институционална заштита од судска одговорност се неспоиви со основните европски принципи.
-Владеењето на правото не смее да биде селективно, ниту да зависи од националната припадност на поединецот – се наведува во соопштението.
Министерството најавува дека за развојот на случајот ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.
Во реакцијата се посочува дека ваквите постапки, за кои, според Министерството, постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности.
Од МНРиНТ додаваат дека остануваат посветени на развојот на добрососедските односи засновани врз меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, очекувајќи и од бугарската страна да покаже иста одговорност.
-Почитувањето на правдата не е прашање на политички избор, туку основна европска обврска – порачуваат од Министерството.
































