Македонија почнува со изградба на автопатската делница Букојчани – Кичево, шестиот проект од ваков вид што го започнува актуелната Влада. Со изградбата на делницата треба да се заокружи автопатското поврзување на Скопје и Охрид и да се унапреди поврзаноста долж Коридорот 8, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешното поставување камен-темелник, пренесе МИА.
Според Николоски, станува збор за исклучително важна делница што треба да обезбеди целосно автопатско поврзување на западниот дел од државата, преку Тетово, Гостивар, Кичево и Струга.
-Овие 12 километри се исклучително важни и треба да дадат смисла и целина на целокупното автопатско поврзување, не само од Скопје до Охрид, туку и на целиот Коридор 8. Со ова автопатско поврзување, целиот коридор добива смисла – рече Николоски.
Тој посочи дека градежните активности почнуваат на локацијата каде што завршува автопатот Кичево – Охрид, од каде што трасата продолжува кон Букојчани. Во меѓувреме, на делницата Букојчани – Гостивар веќе интензивно се работи на изградба на автопатско решение.
Николоски нагласи дека станува збор за планински и технички сложен терен, кој бара значително знаење и искуство. Сепак, изрази уверување дека избраните изведувачи, заедно со надзорот и техничката поддршка, ќе го завршат проектот во предвидениот рок од четири години.
Проектот предвидува изградба на современ автопат со две возни ленти во секоја насока, со ширина од по 3,5 метри, како и помошни ленти широки по 2,75 метри од двете страни. Проектираната брзина на движење ќе изнесува од 110 до 130 километри на час.
Вицепремиерот истакна дека почетокот на изградбата е дел од развојната визија претставена во 2024 година, со која Македонија треба да се позиционира како значајна крстосница на двата паневропски коридора – Коридорот 8 и Коридорот 10.
-Сакам да му се заблагодарам на премиерот, затоа што овие работи не се случајни. Ова е дел од визијата што беше поставена во 2024 година, кога беше формирана оваа Влада. Решивме државата да ја развиваме како крстосница на двата паневропски коридора – Коридорот 8 и Коридорот 10. Македонија нема излез на море, но има уникатна географска положба, која со силни инвестиции во автопатите и железницата треба да значи економски напредок за бројни генерации што доаѓаат по нас – нагласи Николоски.
Изградбата на делницата Букојчани – Кичево е дел од инфраструктурните активности насочени кон подобрување на транспортната поврзаност, побезбеден сообраќај и зајакнување на улогата на Македонија во регионалните транспортни коридори.
































