Hristijan Mickoski
Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски по повод 11 Октомври – Денот на народното востание упати честитка до граѓаните, потсетувајќи на жртвата на борците кои се избориле за слободата и повика на одговорност во нејзиното зачувување.

Во објавата на социјалните мрежи, Мицкоски порача дека пред 85 години луѓето кои го започнале востанието немале сигурност за својата иднина, но имале силна верба во слободата.

– Тие немале гаранција дека ќе победат. Немале сигурност дека ќе се вратат во своите домови. Немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе. Но, имале нешто посилно од стравот. Имале верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот – напиша премиерот.

Тој истакна дека денешните генерации имаат обврска да го продолжат делото на оние кои се бореле за слобода и достоинство.

– Нашите предци го направија она што во нивното време изгледало невозможно. Ја отворија вратата на слободата. Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено – порача Мицкоски.

Премиерот посочи дека 11 Октомври не треба да биде само ден на сеќавање, туку и потсетник за одговорноста кон иднината.

– Нека овој 11 Октомври не биде само ден на сеќавање. Нека биде ден на нова одговорност. Одговорност да ја чуваме слободата. Затоа што слободата не е завршена приказна. Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи – нагласи Мицкоски.

Тој на крајот им го честиташе празникот на граѓаните со порака: „Честит 11 Октомври! Да е вечна Македонија!“