Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Русија е подготвена да постигне договор за завршување на конфликтот во Украина, но го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека не е подготвен за преговори, објави „Синхуа“.
„Мислам дека Русија би сакала да постигне договор“, изјави Трамп пред новинарите, додавајќи дека „од некоја причина Зеленски не сака да направи договор“.
Тој оцени дека војната можела да биде завршена во повеќе наврати и дека Зеленски можел да обезбеди поповолни услови доколку постигнел договор пред две години.
Трамп повика и на одржување избори во Украина и замена на Зеленски со нов лидер кој, како што рече, би можел да постигне договор со Русија.
– Претседателот Путин силно сака да се постигне решение. А тој ослободува и многу нафта за светот – изјави Трамп.
Изјавите на американскиот претседател доаѓаат еден ден по неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, по што Трамп објави договор според кој Русија ќе доставува дизел гориво до САД и до светските пазари.
Зеленски го критикуваше овој договор, предупредувајќи дека дополнителните приходи од енергетскиот сектор би можеле да ѝ помогнат на Русија во финансирањето на воените активности во Украина.
Во меѓувреме, американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Мајами одржаа разговори со украински и европски претставници во рамки на новите дипломатски напори за завршување на конфликтот.
Од Кремљ во петокот соопштија дека украинските напади со беспилотни летала за време на парламентарните избори во Русија ги нарушиле можностите за итно продолжување на мировните преговори.































