Претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните, посочувајќи дека овој датум претставува еден од најзначајните моменти во македонската историја и потсетник на борбата за слобода и достоинство.
– Овој празник нè потсетува на вредностите врз кои се гради едно демократско и праведно општество – слободата, солидарноста, меѓусебното почитување и заедништвото – порача Гаши.
Тој нагласи дека обврска на денешните генерации е со почит да го чуваат споменот на сите оние кои се бореле и се жртвувале за слободата, а нивната храброст да ја преточат во одговорност и посветеност кон развојот на државата.
– Наша обврска е со почит да го чуваме споменот на сите оние кои се бореле и се жртвувале за слободата, а нивната храброст да ја преточиме во одговорност, единство и посветеност кон демократскиот развој, владеењето на правото и европската иднина на нашата земја – истакна претседателот на Собранието.
Гаши порача дека само преку заедништво, заемна почит и почитување на различностите може да се изгради општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреднуван.
– Само преку заедништво, заемна почит и почитување на различностите можеме да изградиме општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреднуван и ќе има можност да придонесе кон заедничкиот напредок – се наведува во честитката.
Претседателот на Собранието упати порака дека 11 Октомври треба да биде постојан потсетник дека слободата и достоинството се вредности кои треба да се негуваат и бранат.
– Нека 11 Октомври биде потсетник дека слободата и достоинството се вредности што треба постојано да ги негуваме и браниме – порача Гаши, упатувајќи им на граѓаните желби за мир, благосостојба и просперитет.
































