Податочните центри не се само збир од сервери и технологија, туку инфраструктура што создава цел економски синџир и отвора можности за инженери, проектанти, градежни компании, енергетски и телекомуникациски оператори, како и за компании за системска интеграција, безбедност и одржување. Ова го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на Форумот за критична инфраструктура, дизајн и инженерство на податочни центри, што денеска се одржа во Скопје.
Андоновски посочи дека Македонија треба да ја води дебатата за развојот на оваа индустрија врз основа на факти и конкретни проекти, наместо на дезинформации и неосновани шпекулации.
– Додека другите држави привлекуваат милијарди во оваа индустрија, и кај нас дебатата мора да се води со факти и конкретни проекти, а не со дезинформации, шпекулации и стравови без основа. Не смееме поради лажни информации однапред да се откажуваме од инвестиции што можат да донесат нов капитал, нова инфраструктура и нови можности за нашата економија – истакна Андоновски.
Министерот објасни дека државата работи во две насоки: развој на национален податочен центар за обезбедување сигурна државна инфраструктура и привлекување приватни инвестиции во податочни центри, кои би донеле капитал, нови знаења и дополнителни можности за домашните компании.
Според него, особено значаен е потенцијалот овие инвестиции да придонесат за развој на домашната економија преку вклучување на македонските компании во различни фази од реализацијата на проектите.
– Нашата цел е што поголем дел од проектирањето, изградбата, опремувањето, интеграцијата и одржувањето да го преземат домашни компании, а со тоа да се создадат нови референци, ново знаење и можности македонските фирми подоцна да настапуваат и на странски пазари – нагласи Андоновски.
Тој додаде дека развојот на податочните центри може да придонесе за диверзификација на македонската економија и нејзино насочување кон индустрии со повисока додадена вредност, кои се темелат на знаење, технологија и иновативни решенија.
































