Јанош пред безживотното око на китот – средба исполнета со чудење и немир. Во „Веркмајстерови хармонии“ (Werckmeister
Harmonies, 2000), Бела Тар и Агнеш Храницки го претвораат доаѓањето на необичен циркус во приказна за стравот и насилството што постепено освојуваат еден унгарски град. Заснован врз романот „Меланхолија на отпорот“ на Ласло Краснахоркаи, филмот плени со црно-белата фотографија, долгите кадри и меланхоличната музика на Михај Виг. Тар, еден од најзначајните унгарски автори, преку бавниот ритам создава напнатост што расте до колективна катастрофа. Добитник на главната и критичарската
награда на Унгарската филмска недела во 2001 година, ова е едно од неговите клучни остварувања: филм чија визуелна сила
и денес го потврдува значењето на унгарското авторско кино.