Владимир Трпаноски и претседателот на ЕЏУ, Ласло Тот

УШТЕ ЕДНО ПРИЗНАНИЕ ЗА ПРВИОТ ЧОВЕК НА МАКЕДОНСКОТО ЏУДО

  • Именувањето е потврдено со официјално писмо од претседателот на Европската џудо-унија, Ласло Тот

Со особено задоволство ве известуваме дека претседателот на нашата федерација, Владимир Трпаноски, официјално е именуван за член на Советодавниот одбор на претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), информираат од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ).
Именувањето е потврдено со официјално писмо од претседателот на ЕЏУ, Ласло Тот, од 28 септември годинава. Во писмото се истакнуваат посветеноста и придонесот на Трпаноски кон џудо-спортот, како и уверувањето дека неговата стручност и ангажман ќе придонесат кон понатамошниот развој на џудото во Европа.
– Ова именување претставува значајно меѓународно признание за неговата работа, но и чест за нашата федерација и целокупната македонска џудо-заедница. Наедно, тоа е поттик да продолжиме со заедничките заложби за развој и афирмација на македонското џудо. Во име на целата федерација, на претседателот Владимир Трпаноски му упатуваме искрени честитки и му посакуваме успешна работа – порачуваат од Џудо-федерацијата на Македонија.
Со изборот на Владимир Трпаноски за претседател на ЏФМ во септември 2019 г. и со реизборот за нов четиригодишен мандат на редовното Изборно собрание во октомври 2023 година, македонското џудо испишува ново поглавје во овој спорт. А сето ова е резултат на посветеноста, професионалноста и целосната ангажираност на претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Трпаноски, кој беше прогласен од Европската џудо-унија за херој на годината во декември 2025 година, како симбол на лидерство, визија и исклучителен придонес во развојот и промоцијата на европското џудо. ЏФМ, пак, ја доби престижната награда од ЕЏУ за најдобар европски организатор за минатата година.
Македонија и Скопје четири пати во низа го организираа Европскиот куп за јуниори. Во Скопје во 2025 година се одржа и Европското првенство за кадети, истата година во Скопје и во Куманово се одржа и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), а меѓу 15-те спорта, беше застапено и џудото. Неодамна се одржа и Европскиот куп за сениори, а беа организирани и повеќе џудо-кампови. Следната 2027 година, во Скопје ќе се одржи и Европско првенство во џудо на униформирани сили, што, исто така, претставува уште еден голем настан за македонскиот спорт воопшто. Г.И.