Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени да ѝ помогнат на Русија по смртта на лабораториски работник во институт за истражување на чума во Сибир, пренесе Ројтерс.
Трамп, зборувајќи со новинарите во Белата куќа пред заминувањето за Небраска, рече дека појавата претставува „голем проблем за Русија“.
– Не сакам да ги гледам како се соочуваат со ова. Тоа е тешка болест – изјави Трамп.
Тој додаде дека САД ќе направат сè што можат за да ѝ помогнат на секоја земја која се соочува со ваков вид здравствен проблем.
– Ќе помогнеме. Секој што има таков проблем, секогаш сме подготвени да помогнеме – рече американскиот претседател.
Според информациите на Ројтерс, лабораториски работник во институт за истражување на чума во Сибир се разболел и починал под неразјаснети околности, по што властите ставиле десетици лица во карантин.
Случајот предизвика загриженост во јавноста и реакции на социјалните мрежи, но руските власти во понеделникот соопштија дека ситуацијата е под контрола.
Трамп претходно изјавуваше дека рускиот претседател Владимир Путин е личност со која може да соработува, и покрај постојаните тензии меѓу Вашингтон и Москва поради војната во Украина.
































