Рецензија
- Кон книгата „Длабок простор“ од Зоран Анчевски, издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, 2026 г.
Поетот Зоран Анчевски спаѓа во самиот врв на современата македонска
поезија. Неговата прочистена, згусната лирика, напати со нагласено гномска ориентација, предизвикува исклучително внимание, особено кај критиката со истенчен вкус за лирска перфекција. Последниве неколку години, меѓутоа, книгите на Анчевски се издвоија и со една строга концепција според која меѓу посебните лирски единици се воспоставува фина семантичка мрежа што ератично ги поврзува во стаменити блокови, конечно создавајќи компактно дело препознатливо по единствена структура, по цврст архитектонски склоп.
Сите овие значајки на неговото поетско писмо во најновата лирска објава, книгата „Длабок простор“, не само што се видливи и нагласено присутни туку се искренати на највисоко можно рамниште. Овде изведбата е беспрекорна,
градбениот материјал е со избрани својства, со висока отпорност на корозија. Ако може така да се каже, тешко се излегува од секоја негова песна, бидејќи читателот се соочува со стихови што се резултат на големо креативно искуство, песните напросто бабрат од енергија извлечена од богатите потони на јазикот. Ретка, исклучителна композиција, книга датум. Секако дека ваквите високи оцени се темелат на апартноста на најновите песни на Анчевски, кои започнуваат со едни заумни проложни стихови, со плипот темелни прашања што засегаат во
задлабочена онтолошка загледаност и замисленост, така што и на самиот старт на амбициозниот лирски поход упатуваат угоре, како во семантичките појаси така и во изведбената беспрекорност. Тоа се прашања – рефлексивни истрели насочени спрема суштинските равенки и формули според кои се обликувала нашата егзистенцијална сушност, но овде поетот ги маркира родилните мигови и пунктови кога егзистенцијата се двои од есенцијата и се размотува во несогледливото мноштво што ја полни и што ја обликува житејската сцена.
Секако дека поезија што повтела да нѐ поведе во тие неразгатнати мисловни области се одликува со несомнена самосвест за сопствените креативни зафати во тематските сфери, но што е од уште поголемо значење, во лексичкото јазично богатство, во сите преливи и нијанси што може да ги назначи или да ги произведе дури и најзанемарливата лексичка единица. „Длабок простор“ е во потрага ако не по јасни одговори, тогаш барем по некакви видливи назнаки за природата и за суштината на сѐ што го населува тој длабок простор за којшто нашиот поет наумил да ги oпее барем неговите основни прародителски својства на севкупната егзистенција.
Вообичаено е смелата поезија да нурне по одговори на темелните прашања, но во овие песни Анчевски не трага (само) по одговорите, туку копнее по происходот на големите прашања со кои се осветлува копнежот на умот за разгатка на местоположбата на запрашаноста за тоа што е, за тоа што не е, за тоа каде се прашањата за вселената, за водите, за сѐ што искри под капата небеска.
Се разбира дека овој храбар поетски поход во тие магливи подрачја каде што битието ги демoнстрира своите родилни свечености не очекува конечен, јасен, целосно осветлен одговор, зашто е повеќе од очигледно дека и најпробивната умствена зафатка може да досегне единствено до виткање колено, до веднење глава пред непроѕирноста на нештата вон и во нас. Од значење е, меѓутоа, трагата што останува зад потрагата, таа фина лирска линија што еднипати ги разделува, но поначесто ги поврзува и ги соединува реалните и метафизичките сфери, и затоа овие стихови, овие песни, целава оваа книга е амалгамно лирско соединение од длабинско скенирање на микро и макро областите, па остава впечаток на изобилство и на полнота.
Треба уште еднаш да се подвлече емотивната, рефлексивната, но над сѐ и пред сѐ естетската густина на песните во „Длабок простор“ и уште да се нагласи: тоа не е впечаток, туку очигледност што е резултат на темелната упатеност на Анчевски во тајните на лирската магија, како и на богатото креативно исходиште на неговата апартна интелектуална природа. Книгата „Длабок простор“ на Зоран Анчевски е сведоштво дека македонската современа поезија го продолжува нагорниот пат кон својот зенит.
Санде Стојчевски
































