Фото: ЕПА

Најмалку 20 лица се повредени синоќа за време на протестот пред Собранието и владините згради во Приштина, каде што дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, пренесоа косовските медиуми.

Меѓу повредените се шест полицајци, додека повеќе граѓани побарале медицинска помош. За време на немирите полицијата употребила солзавец и водени топови, додека демонстрантите фрлале камења и пиротехнички средства и палеле контејнери.

Протестот бил организиран со барање итно да се усвојат измените на законот поврзан со Специјализираните совети во Хаг, по пресудите против поранешните водачи на ОВК.

Пратениците ги усвоиле предложените измени во прво читање, но не било постигнато мнозинство за нивно усвојување во второ читање.

Организаторите најавија продолжување на протестите и денеска.

Платформата „Не во мое име“ повторно повика на протест напладне на плоштадот „Скендербег“ во Приштина, со барање измените на Законот да бидат усвоени во второ читање во Собранието на Косово.

Во исто време, организацијата на воени ветерани од ОВК повика на протест, кој започна во 9 часот утрово.

Според приштинските медиуми, во моментов нема поголем број полицајци пред владините згради и Собранието на Косово. Припадници на специјалните полициски единици, сепак, биле забележани во владините објекти.