Фото: „Нова Македонија“

Европската интеграција меѓу европските растегливи критериуми и билатералните условувања

  • Додека Брисел бара Скопје директно да разговара со Софија за деблокирање на евроинтеграциите, од Бугарија повторно стигнува порака дека во процесот треба да се вгради и конкретен случај пред македонските судови

Пораките што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги упати за време на неодамнешната посета на Скопје беа насочени кон директен дијалог меѓу Македонија и Бугарија и кон изнаоѓање решение за прашањето што го блокира продолжувањето на македонскиот евроинтегративен процес. Наместо нови политички преписки и посредни пораки, Брисел очигледно очекува Скопје и Софија да разговараат и да бараат начин за надминување на разликите.
Во таа насока е и претстојната посета на Бугарија на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој во текот на оваа недела ќе престојува во соседната земја во рамките на активностите поврзани со коридорот 8, но како што претходно соопшти македонскиот премиер Христијан Мицкоски, му дал насоки на министерот да побара средба и со својата бугарска колешка. Намерата е јасна, преку директен политички дијалог да се разговара за прашањата што ги оптоваруваат односите, со крајна цел да се создадат услови за одблокирање на македонските евроинтеграции.
Но во момент кога од европската страна се инсистира на разговор и на барање решение, од Софија пристигнува порака што повторно ја наметнува дилемата дали само уставните измени се последната пречка на македонскиот европски пат.

Кога билатералното прашање не е билатерално, но судскиот предмет станува европски

Имено, и покрај пораката од Фон дер Лајен за директен дијалог меѓу Скопје и Софија, вршителката на должноста бугарска претседателка Илијана Јотова порача дека, пред сè, би сакала да се реши прашањето со Ива Михајлова, за кое, како што рече, Бугарија се обратила до „највисоките европски и светски институции“.
Токму тука се појавува една од најчувствителните точки во бугарската политика кон Македонија. Од една страна, од Софија постојано се повторува ставот дека прашањето за македонското членство во Европската Унија не треба да се третира како билатерален спор меѓу Македонија и Бугарија, туку како европско прашање и како дел од условите што земјата кандидат треба да ги исполни.
Од друга страна, во истиот тој европски контекст се внесува конкретен индивидуален случај што се води пред институциите на македонската држава. Така, прашање што по својата природа има конкретен предмет, конкретни страни и конкретна правна постапка добива политичка димензија преку неговото поврзување со напредокот на Македонија кон Европската Унија.
По оваа логика, ако македонскиот суд целосно независно одлучи во корист или на штета на Михајлова, тогаш дали таквата одлука автоматски треба да има последици врз европскиот пат на Македонија? Ако одговорот е не, тогаш останува нејасно зошто конкретниот случај се поставува во истиот политички контекст со напредокот кон ЕУ. Ако, пак, одговорот е да, тогаш се отвора уште посериозно прашање – дали пристапниот процес може, макар и индиректно, да стане средство за влијание врз конкретни судски постапки и одлуки во земјава.
Бугарија како членка на ЕУ треба и самата да биде свесна дека европската интеграција по својата суштина треба да значи повеќе владеење на правото, поголема независност на институциите и посилна заштита на човековите права, а не создавање дополнителен простор за политичко влијание врз правосудството. Ако постои сомнеж дека на Ива Михајлова ѝ се повредени правата, тогаш официјалната бугарска политика треба да инсистира сето тоа да биде предмет на институционална проверка, правна постапка и, доколку е потребно, европски или меѓународен мониторинг.
Но тешко може да се најде логика според која еден индивидуален судски случај би можел да стане тест за европската зрелост на цела држава. Европските стандарди се однесуваат на системот, на институциите и на нивното функционирање, а не на тоа дали исходот од конкретен судски предмет ќе биде прифатлив за друга држава.
Токму затоа и дилемата што се наметнува е суштинска: треба ли Македонија да биде оценувана според тоа дали ги исполнува европските стандарди или според тоа дали во секој конкретен случај ги задоволува политичките очекувања на некоја земја членка?

Од заштита на граѓанинот до политички притисок

Според поранешни дипломати со кои разговаравме, тука мора да се направи јасна граница меѓу заштитата на правата на граѓаните и политичкото условување на европскиот процес. Тој смета дека Бугарија има право, како држава чии државјани се засегнати од одредена постапка, да побара институционална и дипломатска реакција, да се обрати до европски и меѓународни организации и да инсистира на почитување на човековите права. Но тоа, како што појаснува, не смее да се претвори во услов за напредокот на друга држава кон ЕУ.
– Индивидуалните случаи никако не смеат да се поврзуваат со евроинтеграциите. Тоа се две различни рамништа. Едно е дали во конкретен случај се почитувани законите и човековите права, а сосема друго е дали една држава ги исполнува условите за членство во Европската Унија – прецизира нашиот соговорник.
Според него, особено е проблематично кога една држава официјално уверува дека не сака да се меша во работата на македонското правосудство, а во исто време го подига конкретниот случај на највисоко дипломатско ниво и го внесува во поширокиот политички разговор за европската интеграција на Македонија.
Таквиот пристап, според аналитичарот, создава опасен преседан. Ако конкретен судски предмет може да стане дел од условувањето на пристапниот процес, тогаш со текот на времето и други спорови, други индивидуални случаи или други прашања меѓу земја кандидат и земја членка би можеле да добијат статус на „европско прашање“.
– Европската комисија може да оценува дали има системски проблеми со владеењето на правото, дали судството е независно, дали постојат механизми за заштита на човековите права и дали институциите функционираат. Но не може политичар од друга држава да го земе исходот од еден конкретен предмет како мерило за европскиот напредок на целата држава. Во спротивно, пристапниот процес престанува да биде предвидлив – смета тој.
Оттука, како што понатаму додава нашиот соговорник, суштината на проблемот не е во тоа дали еден конкретен случај треба или не треба да биде разгледан. Треба да биде разгледан доколку постојат индиции дека се повредени нечии права. Прашањето е на кој начин и во која рамка треба да се прави тоа.
Како и да е, Европската Унија има институции и механизми преку кои може да се оценуваат владеењето на правото, почитувањето на човековите права и независноста на судството. Ако тие механизми се заобиколат, а индивидуалниот случај директно се врзе со политичкиот напредок на државата кандидат, тогаш се менува и природата на самото условување.
Во тој контекст, пораката од Софија отвора поширока дилема за македонскиот евроинтегративен процес, особено во делот каде завршуваат европските критериуми, а каде почнуваат политичките очекувања на одделни земји членки?
– Ако европскиот пат на Македонија зависи од исполнувањето на европските стандарди, тогаш тие стандарди мора да бидат јасни, мерливи и еднакви. Ако, пак, во нив почнат да се вградуваат и исходите од поединечни судски предмети, тогаш се отвора прашањето дали границата меѓу европското условување и билатералниот политички притисок станува премногу тенка – заклучува нашиот соговорник.