Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја потпиша одлуката за формирање на Советот на поранешните претседатели на Собранието – тело кое за првпат се воспоставува во историјата на законодавниот дом.
Како што информира Гаши преку објава на Фејсбук, целта на Советот е искуството и знаењето на поранешните претседатели да се претворат во вредност за работата на актуелниот парламентарен состав, преку зачувување на институционалната меморија и континуитет.
– Со овој Совет имаме за цел акумулираното искуство низ годините да се претвори во корисна вредност за денешното Собрание. Поранешните претседатели на Собранието носеле значајни одлуки во различни моменти од развојот на парламентарната демократија во нашата земја – напиша Гаши.
На првата средба со иницијативата присуствувале поранешните претседатели на Собранието Тито Петковски, Никола Поповски, Трајко Вељановски и Јован Митревски, а поддршка, според Гаши, дале и други поранешни претседатели.
Советот, како што посочи претседателот на Собранието, ќе претставува простор за дијалог и советување, без да се нарушува мандатот и надлежностите на актуелните институции.
– Остануваме посветени заеднички да работиме за Собрание кое го почитува минатото, ја зајакнува сегашноста и ја гради иднината – порача Гаши.




































