Историско присуство на британската дипломатија во нашиот регион
- Историјата на британската дипломатија во Македонија не е само историја на конзулати и амбасади. Таа е и сведоштво за времињата во кои Македонија се наоѓала на крстопатот на големите политички, воени и дипломатски промени во Европа
Зоран Ќосески, наш специјален известувач од Перт, Австралија
Повеќе од три века дипломатско присуство, од Солун и Битола до Скопје, „Дипломатијата не е една од најлесните професии. Пред сè, таа бара трпение“ – сер Вилијам Стронг. Историјата на британското дипломатско присуство во Македонија е долга и значајна. Нејзините почетоци се поврзани со XVIII век, а низ следните два века британските конзули, дипломати и воени претставници внимателно ги следеле политичките, економските и општествените случувања на Балканот, со посебен интерес за Македонија. Почетоците се во 1715 година, кога Ричард Кембл бил назначен за прв британски конзул во Солун, тогаш еден од најзначајните трговски центри во регионот.
Конзулатот функционирал под покровителство на Левантската компанија, која претставувала важен инструмент на британската трговска и дипломатска политика на Истокот. Во 1825 година надлежноста над конзулатот ја презело британското Министерство за надворешни работи. Со тоа британското дипломатско присуство во регионот постепено добивало поофицијален карактер. Во текот на XIX век биле отворени британски вицеконзулати во повеќе балкански градови – Серес во 1834 година, Битола во 1851 година, а подоцна и Кавала, Скопје и Драма.
Битола – важен центар на британската дипломатија
Зголеменото политичко и економско значење на Битола било причина британската влада во 1852 година да го назначи Џон Лонгворт за прв британски конзул во градот. Британскиот конзулат во Битола функционирал непрекинато до 1872 година, кога бил затворен и ставен под надлежност на Генералниот конзулат во Солун. Од 1873 до 1886 година, британските интереси во Битола ги застапувале австриските конзули. Во 1887 година Британците повторно назначиле вицеконзул во градот, кој останал на функцијата до 1898 година. Во август 1898 година британската влада донела одлука вицеконзулатот да биде преместен во Скопје, оценувајќи ја неговата географска положба како особено значајна. Обврските што дотогаш ги извршувал британскиот вицеконзул во Битола му биле доверени на италијанскиот конзулат.
Повторно британско присуство во Битола
По пет години без постојан британски дипломатски претставник, во март 1903 година започнал нов период на британска конзуларна активност во Битола. Тогаш во градот пристигнал Џејмс Мекгрегор, кој бил назначен за вицеконзул и ја извршувал функцијата од 1903 до 1909 година. Во текот на овој период статусот на британската мисија двапати бил променет. Во декември 1903 година вицеконзулатот бил подигнат на ранг на конзулат, а во септември 1908 година повторно бил наведен како вицеконзулат. Британското дипломатско присуство во Битола продолжило до почетокот на Првата светска војна. По војната, до 1925 година, вицеконзулатот функционирал под надлежност на Британската легација во Белград.
Британскиот вицеконзулат во Скопје
Интересот на Велика Британија за Скопје се појавил уште во средината на XIX век. Идејата за воспоставување британски вицеконзулат во Скопје првпат била поведена во 1854 година од британскиот конзул во Битола, Џон Лонгворт. На 3 април 1857 година, Џон Блант бил назначен за британски вицеконзул во Скопје. Тој бил ставен „под надзор на конзулот Џон Лонгворт во Битола“. Блант официјално ја презел должноста на 19 август 1857 година. Неговата дипломатска надлежност била широка и ги опфаќала не само Скопје туку и санџаците Ниш, Софија и Пловдив, како и Скопскиот Вилает. Вицеконзулатот бил затворен во 1860 година. Две години подоцна, во 1862 година, со указ на султанот, британскиот конзул во Битола Чарлс Калверт, кој бил на функцијата од 1860 до 1872 година, бил признаен и како конзул за Скопскиот пашалак. Следувал период од речиси четири децении без постојан британски вицеконзулат во Скопје.
Македонија во британскиот дипломатски интерес
По завршувањето на Првата светска војна, интересот на британската влада за Балканот значително се зголемил. Македонија повторно се нашла во фокусот на британските дипломатски претставници. Британскиот вицеконзулат во Скопје продолжил да функционира до 1957 година, под надлежност на Британската легација во Белград. За време на Втората светска војна, известувањата за состојбите во Македонија биле испраќани преку британските воени мисии што биле распоредени на територијата на Македонија. Од 1958 до 1991 година британските интереси во Социјалистичка Република Македонија, во рамките на југословенската федерација, биле претставувани од британската амбасада во Белград.
Британската амбасада во независна Македонија
Со стекнувањето независност на Република Македонија, односите со Велика Британија добиле нова дипломатска димензија. На 16 декември 1993 година британската влада ја отворила својата амбасада во Скопје. Со указ на кралицата Елизабета II, г. Тони Милсон бил назначен за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Обединетото Кралство во Република Македонија. По него, функцијата амбасадор ја извршувале г. Марк Дикинсон, како втор амбасадор, г. Џорџ Едгар, како трет, и г. Роберт Чатертон Диксон, како четврти британски амбасадор.
Битола повторно добива британски конзулат
Британското дипломатско присуство не останало ограничено само на Скопје. Во 2000 година, за време на мандатот на амбасадорот Марк Дикинсон, британската амбасада во Скопје го отворила првиот почесен британски конзулат во Битола. Со тоа, по повеќе децении, историскиот град повторно станал место на официјално британско конзуларно присуство.
Историја што трае повеќе од три века
Британската дипломатска историја во Македонија претставува значаен дел од пошироката историја на британското присуство на Балканот. Од првиот британски конзул во Солун во 1715 година, преку конзуларните мисии во Битола и Скопје во XIX век, известувањата и воените мисии за време на светските војни, дипломатското претставување во периодот на Југославија, па до отворањето на британската амбасада во независна Република Македонија во 1993 година — оваа историја сведочи за континуираниот интерес на Велика Британија кон Македонија и Балканот. Историјата на британската дипломатија во Македонија не е само историја на конзулати и амбасади. Таа е и сведоштво за времињата во кои Македонија се наоѓала на крстопатот на големите политички, воени и дипломатски промени во Европа.
Зоран Ќосески, наш специјален известувач од Перт, Австралија
































