Фото: ЕЏУ

ЏУДО

  • На овој престижен турнир за натпреварувачи до 21 година учествуваа над 220 џудисти од 24 земји од три континенти

Младата и надежна џудистка на ЏК Миоки и стандардна репрезентативка на Македонија, Ива Богдановска (18), го освои петтото место на Европскиот куп за јуниори, викендов во Подгорица. Богдановска во тежинската категорија до 63 кг оствари три победи и еден пораз, со што се пласира во финалниот блок. Беше и на дофат на медал, но во борбата за бронза загуби со казнени поени и на крајот го освои петтото место.
– Со гордост ја придружував Богдановска на тренерското место во текот на петте борби на Купот. Упатувам честитки за успехот до Џудо-федерацијата на Македонија и благодарност за реализацијата на учеството на овој спортски настан – изјави тренерот на Богдановска и на клубот Миоки, Игор Паскоски.
Купот се одржа во спортската сала „Воко“. На овој престижен турнир за натпреварувачи до 21 година учествуваа над 220 џудисти од 24 земји од три континенти. Организатор беше Џудо-сојузот на Црна Гора во соработка со Европската џудо-унија (ЕЏУ).
Талентираната македонска џудистка Богдановска постигна огромен успех во август годинава на Балканското првенство за сениори, кое се одржа во Тирана, освојувајќи златен медал во категоријата до 63 кг. Успехот е уште поголем ако се имаат предвид нејзините години. Богдановска минатиот месец, но во возрасната категорија до 23 години (млади сениори), освои бронзен медал на Балканското првенство, кое се одржа во Пеќ. Г.И.