Фото: „Нова Македонија“

АТЛЕТИКА

  • За 22. издание на овој значаен меѓународен спортски настан се пријавени 15.050 натпреварувачи од 63 земји

„Визер Скопскиот маратон“ утре ќе постави нов рекорд со пријавени 15.050 натпреварувачи од 63 земји, што е уште една потврда дека оваа манифестација прерасна во значаен меѓународен спортски настан. На стартот на 22. издание на оваа спортска манифестација ќе има и елитни тркачи од повеќе земји, кои ќе се борат за најдобрите резултати. Најмногубројни по земји, покрај учесниците од Македонија, се натпреварувачите од Србија, Германија, Велика Британија и од Турција. На годинешното издание повторно ќе има четири трки, и тоа маратон на 42,195 км, полумаратон на 21 км, трка на 5 км и штафетна трка „ЕУ за спорт“. Лани на Скопскиот маратон учествуваа повеќе од 14.000 натпреварувачи од 58 земји.
Министерството за спорт и годинава е генерален покровител на „Визер Скопскиот маратон“, една од најголемите и најреномираните спортски манифестации во земјава, која повеќе од две децении ги промовира Скопје и Македонија на светската атлетска мапа. Овој маратон има посебна вредност токму поради тоа што на иста стартна линија ги обединува професионалните атлетичари и рекреативците.
Учесниците во маратонската, полумаратонската и во штафетната трка „ЕУ за спорт“ ќе стартуваат од пешачкиот премин кај „Рекорд“ на улицата Димитрие Чуповски во центарот на градот во 8.05 часот и ќе се движат по патеката во насока кон Хром.
Локацијата, пак, за стартот на трката „Комерцијална банка 5K“ е во близината на Црвениот крст, стартот ќе биде во 8 часот, а тркачите ќе се движат во насока кон Аеродром. Финишот за сите трки останува на добро познатото место, плоштадот „Македонија“, во непосредна близина на портата „Македонија“, каде што учесниците ќе ја заокружат својата тркачка авантура пред многу бројната публика.
Минатата година првото место на машката маратонска трка го освои најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски (со време 2:14:50 часа), оставајќи ги зад себе ривалите од Кенија, за својата втора победа по онаа дебитантската во 2021 година. Второто место му припадна на Кениецот Џулијан Кипкоеч (2:15:20 часа), а третата на Грузиецот Давити Каразашвили (2:19:59 часа). Кај жените прва низ целта помина Ирене Џеруто од Кенија (2:38:21 часа), пред Маринела Нинева од Бугарија (2:45:36 часа) и Ана Јусупова од Азербејџан (2:48,10 часа). Во полумаратонската трка најбрз беше Албион Имери од Албанија, пред Македонците Иван Пешовски и Александар Аесов. Кај дамите, победничка беше Греша Бакрачи од Косово, а пиедесталот го комплетираа Теа Божиновска и Милјана Ристиќ-Стојчевска.
Стартните пакети за учесниците на Скопскиот маратон 2026 ќе се издаваат уште денеска, во трговскиот центар „Дајмонд мол“, во периодот од 10 до 20 часот. При подигање на стартниот пакет задолжително е да се приложи QR-кодот, кој веќе е испратен, или, пак, копија од важечки документ за лична идентификација (лична карта или патна исправа за странските учесници). На денот на трката нема да има можност за подигање стартни пакети, вели организаторот на маратонот. Г.И.


„Нова Македонија“ традиционално и годинава ќе биде дел од Скопскиот маратон

Традиционално, редакцијата на дневниот весник „Нова Македонија“ и годинава ќе има свои претставници на Скопскиот маратон, новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски, кои ќе трчаат на полумаратонот.
– Ќе одбележам деветти полумаратон на Скопскиот маратон. Секоја година ми е предизвик да бидам дел од ова големо спортско збиднување. Секогаш најголема мотивација ми е предизвикот да ги поместам сопствените граници. Редовна сум во трчање, имав и самокреиран тренинг-план… И можам да потврдам дека секој тренинг ми помогна да бидам посилна и посигурна, и ментално и физички. Од оваа трка очекувам пред сѐ да уживам во искуството и да го дадам максимумот, а се надевам дека ќе останам фокусирана и мотивирана до последниот километар. Секако, најголемиот стремеж ми е да постигнам најдобар личен резултат. по осум полумаратони, знам дека секоја трка носи своја приказна, па со нетрпение очекувам да испишам уште една – вели Јачевска.
Цветаноски 17. пат ќе трча на Скопскиот маратон.

– Трчањето ми е составен дел од животот, така што како и секој ден така и утре нема да ми биде тешко со уживање да излезам на скопските улици. По седумнаесетти пат трчам на Скопскиот маратон, секогаш во дисциплината полумаратон. За разлика од претходните години, посмирено пристапувам кон трката, ја нема толку онаа вообичаена возбуда како во минатото, туку повеќе некој внатрешeн спокој. Трчањето е добра шанса да се надминат многу работи што нѐ кочат во животот и му дава некоја повисока смисла на постоењето. Очекувам убаво и полезно искуство и, секако, ќе се погрижам да излезе најдоброто од мене – вели Цветановски. Г.И.


Медалот е повеќе од сувенир

Медалот е повеќе од сувенир, тој е симбол на трудот, истрајноста и на личната победа на секој учесник што ќе ја помине целната линија. Затоа и годинава внимателно се посветивме на неговиот изглед, за да ги носи енергијата и духот на најголемиот спортски настан во Македонија. Дизајнот на медалот за 2026 година е инспириран од идејата дека „Трчањето ќе те промени“, слоган што е веќе препознатлив дел од маратонот. Во него се преплетуваат современи линии и симболи што ја претставуваат динамиката на движењето, но и убавината на Скопје, градот домаќин на овој спортски празник. Секој што успешно ќе ја заврши трката на 4 октомври ќе добие ваков медал, заслужен симбол за победата над себе и потсетник дека трчал низ улиците на Скопје, вели организаторот на маратонот. Г.И.