Фото: ЕПА

Сериозна ескалација на немирите во Франција

  • Нема сомнение дека од четвртокот средношколската мобилизација означи пресвртница со блокадите на средните училишта што ескалираа во урбано насилство низ цела Франција. „Несомнено, движењето се промени по природа“, изјави министерот за образование Едуар Жефри на телевизијата Франс 2, осудувајќи го „обидот за уништување на јавната образовна служба“, при што 400 средни училишта беа принудени да ги затворат своите врати во петокот

Протестното движење што се шири меѓу младите луѓе од 21 септември, а сега стигна и до универзитетите, предизвикува значителна вознемиреност кај владата. Едуар Жефри опишува движење што било „легитимно на почетокот“, но „поттикнато од Непокорна Франција (ЛФИ)“ – движењето на Жан-Лук Меланшон, сега е „киднапирано од крајно левичарски групи“. Повеќе од десет дена по почетокот на движењето, министерот треба да се сретне со студентски и родителски здруженија во обид да ја смири ситуацијата. Министерството за внатрешни работи извести дека само во четвртокот биле уапсени 1.949 лица, првенствено „за напад врз јавни службеници, насилство и незаконско собирање“, а повредени биле 305 полицајци, жандарми и пожарникари. Во повеќе градови, како Гренобл и Стразбур, градскиот сообраќај беше нарушен или во прекин поради протестите на младите.

Неконтролирано насилство?!

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез брзо го осуди ова „неконтролирано насилство“ по вонредниот министерски кризен состанок свикан во МВР, со кој претседаваше премиерот Себастијан Лекорну. Во меѓувреме министерот за правда Жералд Дарманин во четвртокот ги свика сите главни обвинители преку видеоконференција, барајќи „голема строгост во кривичниот одговор на сторителите на овие неприфатливи дела“.
Претходно, придружбата на премиерот ги обвини за насилството Непокорна Франција (ЛФИ) и „нејзините крајно левичарски посредници“, повикувајќи се на разузнавачки извештај. Овој воен термин „посредник“ се однесува особено на терористичките групи поврзани со иранскиот режим во неговите воени напори.
Додека избраните функционери на ЛФИ се позиционираат како бранители на неразбраната младина, не двоумејќи се да се дружат со мобилизираните млади луѓе како знак на отпор кон извршната власт и да ја попречуваат интервенцијата на силите на редот, самиот Емануел Макрон во средата го изрази своето негодување во врска со стратегијата на ЛФИ за ескалација на тензиите.
– Пратениците на Непокорната Франција се тука затоа што имаат демократски мандат, затоа што се избрани мирно, во организирана рамка, не се тука за да разгоруваат страв и да го поттикнуваат најлошото – инсистираше шефот на државата од Шпанија.
Жан-Лук Меланшон смета дека ова е погрешна проповед.
– Нема да дозволиме да бидеме обвинети на овој начин – се бранеше тој на конференција во Париз.
Тој додаде дека „ситуацијата произлегува од услови надвор од сечија контрола“, отфрлајќи каква било вмешаност во овие прикази на насилство.

Загриженост за (де)ескалација

Зад повеќеслојните барања на средношколците (недостиг од ресурси и наставници, нехигиенски услови во зградите, критика на училишниот распоред или платформата Паркурсап – начинот на запишување на факултетите), првично формулирани од училиштата во регионот Ил де Франс и широко распространети на социјалните медиуми, мобилизацијата генерира голем број ексцеси. Во четвртокот широко беа распространети слики од пожарот во холот на средното училиште „Нелсон Мандела“ во Нант, како и од лица со качулки облечени во црно што напаѓаат авторитетни личности (директори, полицајци, пожарникари) во академијата. Насилството ги стави во втор план барањата на средношколците, кон кои може да се придружат и студентите.
Наредбите од одредени институции го принудија Себастијан Лекорну да го преформулира одговорот на владата. Во обид за деескалација на ситуацијата, владата, преку Едуар Жефри, објави повлекување на планот за наплата на школарина за БТС (сертификат за напредна стручна обука) или подготвителни часови за студенти што не се стипендисти, план откриен неколку часа претходно во нацрт-буџетот за 2027 година, кој се најавува со буџетско штедење и намалување или замрзнување на социјалната помош, што сигурно ќе доведе до нови социјални протести. Растечката инфлација, поттикната од рекордните цени на фосилната енергија и претстојната зима, може да доведе до социјална експлозија, можеби посилна од таа на жолтите елеци во 2018 година.
Движењата на средношколците се „најлошото нешто за владите“, забележува политикологот Ксавиер Кретиез, професор по политички науки, поради „димензијата на идеализам, возбуда и групна акција, особено изразена кај младите луѓе, кои многу систематски ги мешаат политиката и моралот“.
– Овие движења на младите се уште потешки за разбирање бидејќи се лошо организирани и затоа полесно се манипулираат од надворешни сили – додава тој.
Оваа анализа ја споделува пратеничката на Зелената партија, Делфин Бато, поранешна претседателка на Независната демократска федерација и средношколка во раните 1990-ти.
Таа верува дека движењето што се развива од 21 септември одразува „вистинско чувство на незадоволство кај средношколците и потреба за изразување“.
– Но, постои проблем со координацијата, структурата и лидерството на движењето и неговото киднапирање од страна на крајната левица. Овие млади луѓе имаат витална потреба да го организираат своето движење и да ја обезбедат неговата независност – вели таа.

Министерот за образование прави разлика помеѓу „средношколци
што протестираат“ и насилни „екстремно левичарски групи“

Додека министерот за образование во моментов прави разлика помеѓу средношколци што протестираат и насилни „екстремно левичарски групи“, неговиот колега во Министерството за внатрешни работи, Лоран Нуњез, не се потруди да направи таква разлика. Во телеграма до префектите во средата, 30 септември, во врска со „безбедноста на училиштата“, министерот им наложува „брзо да стават крај на тоа“ во случај на насилство или штета на јавни простори.
– Пропорционалната употреба на сила никогаш не смее да го попречи дејствувањето за воспоставување ред- додаде тој, додека некои синдикално организирани полицајци во последните денови изразија на социјалните медиуми желба да можат да ги користат своите помалку смртоносни лансери (ЛБД) против средношколци, доколку е потребно. За време на видеоконференцијата во четвртокот вечер со префектите, Лоран Нуњез дури прецизира дека не сака „да чуе никакви спротивни инструкции на локално ниво“, според неговата придружба.
– Сè уште постои идеја меѓу полицајците дека се неопходни принудни мерки за справување со сè посериозните закани. Тие постепено ја изгубија способноста да управуваат со толпи без оружје – се жали социологот Себастијан Роше, специјалист за полициски и безбедносни прашања.
Во Тур, еден млад човек беше сериозно повреден во главата по истрел од ЛБД на 30 септември.
– Големата грешка на оваа влада е што се обиде само да го одржи редот, наместо да се обиде да се вклучи во дијалог со средношколците – се жали Делфин Бато.

Тони Гламчевски, постојан дописник на „Нова Македонија“ од Франција