Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЕНЕРГЕТСКАТА ПУКНАТИНА СЕ ШИРИ НИЗ ЕВРОПА

  • Францускиот претседател бара Брисел итно да ги олабави правилата за дизелот и керозинот, да дозволи поголема употреба на Б10 и за една година да ги одложи новите обврски за увозниците на фосилни горива. Во неговото писмо до Урсула фон дер Лајен се предупредува на можен нов удар врз европското снабдување

Европа повторно влегува во енергетска зона на „црвен ризик“. Овој пат алармот не доаѓа од пазарите, туку директно од Елисејската палата. Францускиот претседател Емануел Макрон бара од Европската комисија итно да ги приспособи европските правила за горивата, со цел да се зголеми понудата на дизел и керозин и да се спречи дополнително затегнување на пазарот.
Во писмото испратено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Макрон предлага серија конкретни мерки. Сите имаат иста цел – Европа да добие повеќе гориво во момент кога глобалните синџири на снабдување се под силен притисок.

Брисел да ги одложи новите обврски за увозниците на
фосилни горива

Најзначајното барање на францускиот претседател е привремено ублажување на европските стандарди за квалитет на дизелот и керозинот. Идејата е рафинериите да добијат поголема флексибилност и да можат да произведуваат поголеми количества деривати. Според податоците наведени во писмото, тоа би можело да овозможи зголемување на производството од пет до 20 проценти. За Макрон, во услови на криза, прашањето е „дали Европа ќе располага со доволно гориво“?! Токму на тоа ниво се судираат две политики, едната е долгорочната европска регулатива, а втората е – краткорочната потреба од енергетска сигурност.

Б7 ИЛИ Б10 – ПОВЕЌЕ ПРОСТОР ЗА ДИЗЕЛОТ

Вториот предлог на Париз е директно поврзан со составот на дизелот. Франција бара поголема употреба на Б10, гориво што може да содржи до 10 проценти биогориво, наместо досегашниот Б7 со удел до седум проценти.
На прв поглед станува збор за техничко прашање. Во услови на криза, меѓутоа, составот на горивото станува прашање на снабдување. Поголемата флексибилност би можела да им овозможи на производителите и дистрибутерите подобро да ги искористат достапните ресурси и да ослободат дополнителни количества кон пазарот. За Париз, секој дополнителен процент на достапно гориво во ваква ситуација има економска тежина.

ОДЛОЖУВАЊЕ НА НОВИТЕ ПРАВИЛА ЗА МЕТАНОТ

Третото барање се однесува на новите европски правила за увоз на фосилни горива. Макрон бара нивната примена да биде одложена за една година. Станува збор за обврски со кои увозниците на сурова нафта, природен гас и јаглен ќе мора да докажуваат дека странските производители и доставувачи ги мерат и контролираат емисиите на метан според европски правила.
Француската страна предупредува дека во актуелната ситуација дополнителните административни и технички барања можат да го отежнат пристапот до дел од светските извори на енергија. А токму сега, аргументира Париз, Европа има потреба од што е можно поширок круг доставувачи.

ПЕТСТОТИНИ МИЛИОНИ БАРЕЛИ ИСЧЕЗНАА ОД РЕЗЕРВИТЕ

Најсериозниот дел од предупредувањето на Макрон се однесува на глобалниот пазар. Во писмото тој посочува дека нарушувањата на транспортот и производството веќе предизвикале значително намалување на светските резерви. Според неговите податоци, глобалните резерви се намалиле за повеќе од 500 милиони барели.
Дополнителен притисок создаваат нападите врз енергетската инфраструктура во Русија и на Блискиот Исток, но и зголемената потрошувачка во азиските економии. Особено чувствителна точка останува Ормускиот Теснец, кој е еден од клучните светски коридори за транспорт на енергенти. Доколку нормалниот проток не биде целосно воспоставен, предупредува Макрон, светскиот пазар може да се соочи со дополнителен дефицит.
Процената наведена во писмото на Макрон е дека понудата на сурова нафта и деривати би можела да биде намалена за најмалку четири милиони барели дневно. Тоа би значело нов силен притисок врз цените и врз трошоците на европската индустрија и транспорт.

ЕВРОПА СИЛНО Е ЗАВИСНА ОД БЛИСКИОТ ИСТОК

Проблемот за Европа е што не станува збор само за глобалниот пазар. Европскиот енергетски систем има конкретна зависност од увозот од Блискиот Исток. Според податоците што ги наведува Макрон, регионот обезбедува околу 36 проценти од европскиот увоз на керозин. Кај дизелот уделот е околу 18 проценти. Оттука, секое нарушување на поморските транспортни рути може директно да се почувствува во европските рафинерии и на бензинските пумпи.
Францускиот претседател предупредува дека компаниите веќе имаат тешкотии при обезбедувањето испораки за следните недели. Тоа го поместува проблемот од доменот на цените кон доменот на физичкото снабдување.

ПАРИЗ НЕМА ДА ЧЕКА НА БРИСЕЛ

Франција, во меѓувреме, се обидува сама да го намали ризикот. Макрон веќе најави дека Париз преговара и склучува договори со повеќе производители за обезбедување гас, дизел и керозин. Франција дневно троши околу 600.000 барели дизел, при што приближно половина од потребните количества ги обезбедува преку увоз. Токму затоа обезбедувањето стабилни надворешни извори станува стратешко прашање. Париз во тие напори се свртува кон земјите од Заливот, Ирак и други производители.
Пораката до Брисел и до јавноста е повеќе од јасна, а во основа е енергетски суверенизам. Имено, да не се чека кризата да стане недостиг на пумпите, туку се бараат количества однапред.

ЕНЕРГЕТСКАТА СИГУРНОСТ ПРЕД РЕГУЛАТИВАТА

Во суштина, писмото на Макрон отвора многу пошироко прашање. Колку далеку е подготвена да оди Европа во привремено олеснување на сопствените правила кога е загрозено физичкото снабдување со енергија?
Францускиот предлог не е повик за напуштање на европската климатска политика. Макрон паралелно бара забрзување на електрификацијата, намалување на потрошувачката на гас и зголемување на енергетската ефикасност. Но, во краток рок, Париз бара нешто многу попрагматично, а тоа е повеќе гориво, повеќе увоз и повеќе флексибилност.
Токму затоа писмото до Брисел може да се покаже како важен сигнал за следната фаза на европската енергетска политика. Европа во моментов не се соочува само со прашањето колку ќе чини енергијата. Сè поважно станува и прашањето дали ќе ја има во доволни количества.
Ако предупредувањата од Париз се претворат во подолготраен проблем со снабдувањето, тогаш дизелот и керозинот повторно би можеле да станат едни од најчувствителните точки на европската економија. Макрон затоа инсистира Брисел да реагира сега и веднаш, пред кризата од пазарите да се прелее на бензинските пумпи, во транспортот и во европската индустрија. Недостигот од енергенти, сепак прави пукнатина што се шири од главните политички центри на ЕУ кон Брисел. Е.Р.


Германската индустрија веќе не сака да го плаќа цехот на енергетските политики на Брисел

Во германската политика погледите се свртени кон Москва

  • Германската политичка партија во подем АфД отвора врата кон рускиот гас. Зад оваа политичка иницијатива стои едно старо германско прашање – може ли индустриската сила на Европа да опстане без евтината руска енергија?

Германија повторно почнува да го изговара зборот „Русија“ во контекст на својата енергетика. Иако официјален Берлин засега не најавува враќање кон рускиот гас, во германската политика се појавува сè поотворено прашање дали прекинот на енергетските врски со Москва е економски одржлив на долг рок.
Најдиректно тоа го прави партијата во динамичен политички подем во Германија – АфД. Нејзини претставници деновиве воспоставија директни контакти со Москва и разговараа за можноста за повторно воспоставување на испораките на руски гас. Во тие разговори се појавува и „Газпром“, што покажува дека иницијативата не е само политичка декларација туку и обид да се испита што би значело евентуално обновување на енергетската соработка.
Германскиот индустриски модел со децении се потпираше на релативно евтина и стабилна енергија. Рускиот гас беше еден од столбовите на таа равенка, особено за хемиската, металопреработувачката, автомобилската и другите енергетски интензивни индустрии.
По почетокот на војната во Украина, Берлин во координација со бриселските елити на ЕУ ја прекина таа зависност и Германија се сврте кон други извори, вклучувајќи го и течниот природен гас. Но со промената на снабдувачите се промени и економската сметка.

Повторно отворање на каналите кон Русија

Токму тука АфД ја препознава темата што може да стане еден од најзначајните германски економски спорови во наредниот период, а тоа е дали геополитичките определби со неолиберален, глобалистички карактер можат трајно да влијаат негативно на германската индустрија.
Од перспектива на АфД, одговорот е дека тие досега очигледно влијаеја негативно, а ако продолжат, тоа ќе биде катастрофално лошо по германската економија. Партијата АфД инсистира дека Германија мора да ги разгледа сите можности за обезбедување конкурентни цени и сигурно снабдување со енергија, вклучувајќи го и повторното отворање на каналите кон Русија.

Официјален Берлин сè уште нема донесено одлука за враќање на рускиот гас

Но важно е да се разликува политичката иницијатива на АфД од официјалната државна политика. АфД сѐ уште не ја контролира германската федерална влада, а Берлин сè уште нема донесено одлука за враќање на рускиот гас. Сепак, самото отворање на ова прашање има политичка и економска тежина. Она што по 2022 година беше речиси исклучиво безбедносно прашање, повторно се враќа како прашање на цена, конкурентност и опстанок на индустриското производство.
За Германија дилемата е особено чувствителна. Земјата сака енергетска независност од Москва, но истовремено мора да обезбеди енергија по цени што нема да ја турнат нејзината индустрија во уште понеповолна конкурентска позиција.
АфД очигледно смета дека токму во таа противречност лежи иднината на германската енергетска политика. Прашањето повеќе не е само дали Берлин политички сака да разговара со Москва туку и колку долго германската економија може да ја игнорира цената на прекинатата енергетска соработка.
Дали ова ќе доведе до вистинско свртување кон руските енергенти останува отворено. Но едно е неспорно, а тоа е дека руската енергија повторно се враќа во германската политичка дебата, а овој пат не само како геополитичко прашање туку и како јавна презентација на конкретни бројки што сѐ уште скапо се плаќаат од страна на германското домашно стопанство и економијата. Е.Р.