Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА НА ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

  • УЕФА ги издвои сите летни селекторски ангажмани во лигата А, и тоа Клоп (Германија), Чави (Холандија), Жезус (Португалија), Зидан (Франција), Манчини (Италија), Ван Бомел (Белгија), Билиќ (Хрватска) и Дениа (Чешка)

Постојат нови амбиции за сите, а нови селектори за некои, на почетокот на Лигата на нациите за сезоната 2026/2027, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Со Зинедин Зидан, Јирген Клоп, Роберто Манчини и Чави Ернандез меѓу оние што се подготвени да остават свој белег, УЕФА ги издвои сите летни селекторски ангажмани во лигата А.

КЛОП, ЧАВИ, ЖЕЗУС, ЗИДАН

Јирген Клоп има повеќе од две децении клупско искуство, но го прави својот прв обид со репрезентација. Неговиот ангажман во Ливерпул заврши по „електрични“ девет години во 2024 година, а најважните моменти од неговото време во тој клуб беа титулата во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2019 година и успехот во англиската Премиер-лига во следната сезона. Пред тоа, Клоп освои две титули во германското првенство со Борусија Дортмунд, исто така, носејќи ги црно-жолтите до финалето на ЛШ во 2013 година, и го обезбеди првото промовирање на Мајнц во Бундеслигата во 2004 година.
– Ова е врвот, апсолутно највисоката точка во мојата фудбалска кариера како тренер. Ќе дадам сѐ од себе – рече Клоп за назначувањето за селектор на Германија, пренесе УЕФА.
Малкумина можат да ги споредат признанијата што Чави Ернандез ги освои за време на блескавата играчка кариера на клупско и на меѓународно ниво: осум титули во лигата и четири титули во ЛШ во 17 сезони во првиот тим на Барселона, две европски титули, во 2008 и во 2012 година, покрај триумфот на Светското првенство во 2010 година со Шпанија. Преминувајќи на тренерската работа во 2019 година, Чави го предводеше Ал Сад до титула во Катарската лига во својата последна целосна сезона пред да се врати во Барселона во ноември 2021 година, пишува УЕФА. Барса ја освои титулата во лигата под негово водство во 2023 година.
– Како некој што се обучил во академијата на Барселона, со силни влијанија од Јохан Кројф и од Ринус Михелс, меѓу другите, чувствувам посебна врска со холандскиот фудбал – изјави Чави откако стана селектор на Холандија.
Шампионот Португалија влегува во новата сезона на Лигата на нациите со нов селектор, Жорже Жезус, поранешен играч од средниот ред, кој го стекна своето тренерско име на клупско ниво во Португалија, особено освојувајќи три титули во лигата со Бенфика. Сличен успех следуваше со Фламенго во Бразил, титула во лигата и Копа Либертадорес освоени во 2019 година, и во Саудиска Арабија, каде што ја освои својата втора титула во лигата минатата сезона, пишува УЕФА. Кристијано Роналдо беше дел од тимот на Ал Наср, кој ја освои титулата, и е опишан од Жезус како „симбол на португалскиот фудбал“.
– Сакам моите играчи да разберат дека ако сакаат да победуваат, мора да ја платат цената. Сите ние мора да ја платиме цената – рече Жезус.
Еден од најславните француски играчи на сите времиња, Зинедин Зидан, знае за успехот на меѓународно ниво. Зидан постигна два гола во финалето кога Франција го освои Светското првенство во 1998 година и повторно беше клучен играч во нивниот успех на Европското првенство (ЕП) две години подоцна. Транзицијата на Зидан кон тренерската кариера се покажа како беспрекорна како и неговата игра, водејќи го Реал Мадрид до три последователни титули во ЛШ откако ја презеде функцијата во 2016 година. Тој го напушти Мадрид летото во 2018 година, но се врати за втор период, помеѓу 2019 и 2021 година и освои уште една титула во шпанското првенство.
– Имав неколку понуди од клубови во претходните четири-пет години, но ги одбив сите за Франција – изјави Зидан откако беше назначен на функцијата селектор на Франција.

Фото: ЕПА

МАНЧИНИ, ВАН БОМЕЛ, БИЛИЌ, ДЕНИА

Архитект на успехот на Италија на ЕП 2021, Роберто Манчини, се враќа за втор мандат со надеж дека ќе им донесе уште поголем успех на „Аѕурите“. Пред да почне со својата успешна тренерска кариера во 2001 година, Манчини одигра 36 меча за Италија, од кои најзначајни четири, кога Италија стигна до полуфиналето на ЕП 1988. Манчини како тренер освои титули во Англија, Италија и во Катар и ја предводеше Италија до третото место во Лигата на нациите во сезоните 2020/2021 и 2022/2023 за време на неговиот прв мандат.
– Ќе се обидам да се осигурам дека тимот игра толку добро што навивачите ќе се заљубат во него – рече Манчини.
Поранешниот плејмејкер на Холандија, Марк ван Бомел, има 79 настапи од 2000 до 2012 година, од тоа 16 како капитен, и беше дел од репрезентацијата што стигна до финалето на Светското првенство во 2010 година. Во клупска кариера што ги опфати Фортуна Ситард, ПСВ, Барселона, Баерн и Милан, Ван Бомел освои титули во четири земји и една ЛШ. Тој има искуство како тренер на клупско ниво, водејќи ги ПСВ, Волфсбург и Антверпен од 2018 до 2024 година, но ова е негова прва селекторска улога, откако работеше како асистент во Австралија и во Саудиска Арабија, пишува УЕФА.
– Белгија има извонредни играчи и огромен потенцијал. Заедно со мојот тренерски штаб сакаме да изградиме тим што е дисциплиниран, амбициозен и доволно храбар да се натпреварува со најдобрите – изјави Ван Бомел.
Како Италија и Манчини, Хрватска и Славен Билиќ почнуваат второ заедничко патување. Билиќ, кој имаше 44 настапи за Хрватска во своите играчки денови, беше селектор на 65 натпревари од 2006 до 2012 година и загуби само осум. Билиќ беше и тренер на клубови, вклучувајќи ги Бешикташ, Вест хем, Вест бром, Ал Фатех, пишува УЕФА.
– Искрено сум среќен што го почнувам овој предизвик и се чувствувам целосно подготвен за него, како позрел и поискусен тренер отколку во 2006 година, но со истата мотивација и желба да ја видам Хрватска да остане моќна, храбра и успешна – рече Билиќ.
Како и селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, Санти Дениа го изгради својот углед постигнувајќи успех со младинските селекции на Шпанија. Дениа го организираше успехот на ЕП 2017 за играчи до 17 години и триумфот со фудбалери до 19 години две години подоцна, пред неговото крунисување во 2024 година, водејќи ја Шпанија до златниот олимписки медал. Дениа ја помина играчката кариера во Шпанија, со над 100 настапи за Албасете и речиси 300 за Атлетико, и имаше два репрезентативни настапа. Неговиот трет меч како селектор на Чешка ќе биде во Овиедо каде што ќе се соочи со Шпанија.
– Одушевен сум што сум тука. И сум исклучително мотивиран, бидејќи ја гледам шансата да ја водам чешката репрезентација како одлична можност. Чешкиот фудбал има славна историја – рече Дениа. Н.М.


ЛИГА НА НАЦИИ, ПРВО КОЛО

ДЕНЕСКА
Андора – Малта 18 ч.
Холандија – Германија 20.45 ч.
Србија – Грција 20.45 ч.
Норвешка – Данска 20.45 ч.
Португалија – Велс 20.45 ч.
Австрија – Израел 20.45 ч.
Косово – Р. Ирска 20.45 ч.
Лихтенштајн – Литванија 20.45 ч.
УТРЕ
Грузија – С. Ирска 18 ч.
Ерменија – Летонија 18 ч.
Италија – Белгија 20.45 ч.
Турција – Франција 20.45 ч.
Унгарија – Украина 20.45 ч.
Полска – БиХ 20.45 ч.
Шведска – Романија 20.45 ч.
Црна Гора – Кипар 20.45 ч.

САБОТА
Словенија – Шкотска 15 ч.
Сан Марино – Финска 18 ч.
Фарски О. – Казахстан 18 ч.
Бугарија – Луксембург 18 ч.
Исланд – Естонија 18 ч.
Македонија – Швајцарија 20.45 ч.
Чешка – Хрватска 20.45 ч.
Англија – Шпанија 20.45 ч.
Албанија – Белорусија 20.45 ч.
Словачка – Молдавија 20.45 ч.

Извор: УЕФА