Фото: Кабинет на претседателката

Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска го прими европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, придружуван од шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас, соопштија од Кабинетот на претседателката.

Фото: Кабинет на претседателката

Како што информираат оттаму, на средбата се разговарало за македонската европска интеграција, можностите и условите за деблокада на нашиот пристапниот процес, како и за политиката на проширување на Европската Унија, низ призма на геополитичките закани и употребата на ветото.

– Силјановска Давкова ги поздрави обидите и напорите за објективен пристап во известувањето на Вајц, како и неговиот јасен став став дека билатералните прашања треба да бидат одвоени од формалниот процес на пристапување кон Европската Унија.  Во пресрет на извештајот на ЕК, соговорниците разменија мислења за потребните и можните реформи на процесот на проширување, врз основа на воочените  проблеми. За Силјановска Давкова важно е да се забрза и заштити од ирационални опструкции динамиката на европската интеграција и да се овозможи посилна институционална заштита на принципот на заслуги во пристапниот процес. Таа посебно укажа на членовите 4(2) и 4(3) од Договорот за Европската Унија, во коишто се предвидени почитувањето на националниот идентитет, уставните и политичките структури, како и обврската на земјите – членки за искрена соработка и не поткопување на целите на ЕУ, констатирајќи дека злоупотребата на ветото и билатералните условувања врзани со идентитетот, историјата и јазикот, се во судир со овие одредби – се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека претседателката потсетила на тешките и непознати компромиси во изминатите децении во интерес на европската интеграција, потсетувајќи дека не само што не е остварено членството, туку не се почнати ни преговорите.

– Вајц ја објасни својата добра намера, неутралност и посветеност на процесот, укажувајќи на реалната доминација на политиката, темелно ја запозна претседателката со сите превземени активности во врска со македонско-бугарските релации, укажа на потребата од посегање на пријателски чекори од обете страни, потенцирајќи ја цврстата решеноста на ЕУ за проширување – се вели во соопштението.